СЗО: Омикрон во 38 земји, досега нема смртни случаи

од Nikola Popovski

Новиот сој на коронавирус омикрон е идентификуван во 38 земји ширум светот, но досега не се пријавени смртни случаи, соопшти денеска Светската здравствена организација (СЗО).

„Немам информации за смртни случаи поврзани со омикрон“, изјави на прес-конференција Кристијан Линдмајер, портпарол на седиштето на СЗО во Женева.

Марија Ван Керхове, технички шеф на СЗО за Ковид-19, рече дека омикрон е забележан во 38 земји.

СЗО изјави дека потребни се неколку недели за да се добие попрецизна слика за потенцијалното влијание на омикрон, за да се одреди степенот на заразност, јачината на вакцините, како функционираат тестовите и третманите.

„Прелиминарните податоци се чини дека укажуваат на поголема зараза, а тоа е главно сè што знаеме досега“, рече Линдмајер.

Директорот на СЗО за итни прашања, Мајкл Рајан рече дека организацијата ќе ги добие одговорите што му се потребни на светот.

„Сега треба да имаме доверба во науката, да бидеме трпеливи и да не се плашиме. И засега не е неопходно да се менуваат вакцините што ги користиме“, рече Рајан и апелираше до луѓето да се вакцинираат.

Тој, сепак, додаде дека сега се прави многу за да се види како тие вакцини би можеле да се променат доколку има потреба да се променат.

Новиот сој на вирусот, кој СЗО го опиша како загрижувачки, првпат беше пријавен во Јужна Африка на 24 ноември.

Слични содржини