СЗО предупредува: Епидемијата се забрзува, постојат докази за пренесување преку воздух

од Stefanija Kuzmanovska

Светската здравствена организација (СЗО) денеска предупреди дека „епидемијата се забрзува“ и „се појавуваат докази“ за пренос на „ковид-19“ преку воздух, откако 239 меѓународни експерти повикаа на предупредување за ваков начин на инфекција.

„Ние признаваме дека се појавуваат докази во оваа област и затоа треба да бидеме отворени за таа можност и да ги разбереме импликациите“, рече Бенедета Алегранци, една од водечките фигури во СЗО на видео конференција.

„Можноста за пренос преку воздух на јавни места, особено ако се преполни, не може да се исклучи. Сепак, доказите мора да се соберат и интерпретираат“, предупреди Алегранци, препорачувајќи „ефикасна вентилација во затворен простор и физичко растојание“.

„Тогаш кога тоа не е можно, препорачуваме да носите маска“, додаде Алегранци.

Повеќе од 200 меѓународни научници ги повикаа СЗО и меѓународната медицинска заедница „да го препознаат постоењето на можноста вирусот да се пренесува преку воздух“ во написот објавен во понеделникот во списанието Clinical Infectious Diseases од Оксфорд.

СЗО веќе беше критикувана дека доцни со препораките за носење медицински маски и сега е обвинета дека одбива да разгледува сè повеќе индикатори за пренесување на вирусот во воздухот.

„Епидемијата забрзува и сè уште не го достигнавме врвот на пандемијата“, предупреди генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, на прес-конференција.

„Се чини дека бројот на жртви се стабилизира на глобално ниво, а во реалноста некои држави постигнаа значителен напредок во намалувањето на смртноста, но во други, бројот на загинати се зголемува“, рече Гебрејесус.

Ковид-19, болест предизвикана од новиот коронавирус, уби повеќе од 535.000 луѓе ширум светот за шест месеци и зарази 11,4 милиони.

Слични содржини