СЗО: Сипаниците се непосредна закана за целиот свет, пандемијата ја забави вакцинацијата

од Stefanija Kuzmanovska

Вакцинацијата на децата против морбили е во постојан пад од почетокот на пандемијата на ковид-19. Речиси 40 милиони деца ширум светот пропуштиле доза од вакцината против мали сипаници минатата година, се вели во најновиот извештај на Светската здравствена организација (СЗО), кој предупредува дека сипаниците се непосредна закана ширум светот.

Минатата година, рекордни речиси 40 милиони деца пропуштија доза од вакцината против мали сипаници; 25 милиони деца ја пропуштиле првата доза, а дополнителни 14,7 милиони ја пропуштиле втората доза, се вели во заедничкиот извештај на СЗО и американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) објавен во средата.

Ова претставува големо назадување во глобалните напори за постигнување и одржување на искоренувањето на сипаниците, додека милиони деца остануваат ранливи на инфекција, предупредија тие.

Во 2021 година, имаше околу девет милиони случаи на инфекција и 128.000 смртни случаи од сипаници ширум светот. Имаше големи епидемии на случаи на сипаници во 22 земји.

Во извештајот се наведува намалувањето на опфатот со вакцинација, лошата контрола на мали сипаници, прекините и одложувањата на имунизацијата поради ковид-19 и постојаните големи епидемии оваа година како фактори кои ги прават сипаниците непосредна закана во сите региони во светот.

„Додека вакцините против ковид-19 се развиени во рекордно време и се користат во најголемата кампања за вакцинација во историјата, рутинските програми за вакцинација се сериозно ограничени и милиони деца пропуштија вакцинација против смртоносни болести како што се сипаниците“, предупреди директорот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус.

Затоа, повторното воспоставување на програмата за вакцинација е од клучно значење, рече тој.

СЗО и Детскиот фонд на Обединетите нации (УНИЦЕФ) во заедничкиот извештај во април предупредија дека бројот на заболени од сипаници во светот рапидно се зголемува. Во првите два месеца од годинава е за 79 отсто поголем од истиот период лани. Главна причина за тоа е фактот што се помалку деца се вакцинираат против оваа болест.

Според УНИЦЕФ, стапката на вакцинација со првата доза вакцина против мали сипаници минатата година паднала на 81 отсто, што е најниска стапка од 2008 година. Вакцинацијата на децата со вакцини против други детски болести како дифтерија, тетанус и голема кашлица, исто така, паднала на најниско ниво од 2008 година, предупредија тие.

Слични содржини