СЗО: Вакцина за Ковид 19 не пред 2021 година

од Stefanija Kuzmanovska

Научниците постигнуваат добар напредок во развивањето на вакцина за Ковид-19 и повеќе од нив во моментов се во завршна фаза на испитувања, но не можеме да очекуваме вакцинацијата да започне пред првите месеци од следната година, изјави денеска директорот на отсекот за вонредни програми на Светската здравствена организација, Мајки Рајан.

Тој рече дека СЗО започнала да работи на тоа да обезбеди праведна дистрибуција на вакцината, додавајќи дека сега е приоритет да се запре ширењето на вирусот во светот, пренесува „Ројтерс“.

Остваривме добар напредок во развивањето на вакцината, рече Рајан и прецизираше дека неколку од нив се во третата фаза на тестирање и дека, засега, ниту една не потфрлила кога станува збор за безбедност и можност да се обезбеди имунолошки одговор.

„Како што стојат работите сега, реално е да се претпостави дека масовната вакцинација би можела да започне во првиот дел од следната година“, рече Рајан.

Според него, СЗО сега работи на обезбедување пристап до потенцијални вакцини и да помогне во проширувањето на капацитетот за нивно производство.

„Мораме да бидеме максимално фер овде, затоа што станува збор за јавно добро. Вакцината за пандемијата не е за богатите или сиромашните, туку за сите луѓе“, рече Рајан.

Слични содржини