СЗО: Вирусот може да се победи со солидарност

од Nikola Popovski

Ханс Клуге, регионален директор на Светската здравствена организација (СЗО) за Европа, оцени дека Стариот континент засега добро се справува со епидемијата на коронавирусот и истакна дека заразата може да се надмине со солидарност и дисциплина.

„На милиони луѓе во нашиот регион, животот им се промени радикално, ние едноставно живееме во нова реалност“, рече тој, говорејќи пред јавноста од празното седиште на ООН во Копенхаген, пренесува Танјуг.

Тој потврди дека коронавирусот погоди 152 земји, дека повеќе од 7.000 луѓе починале, а дека третина од потврдените случаи се во Европа, што го прави епицентарот на пандемијата.

Клуге истакна дека ширењето на вирусот е загриженост за целото човештво, дека е неопходно да се преземат најстроги мерки за да се забави ширењето на инфекцијата и дека никој нема право да помисли дека тоа е грижа на некој друг.

Преземени се конкретни мерки

Според него, добра вест е дека Европа презела конкретни мерки и е целосно подготвена да се бори против коронавирусот.

Клуге истакна дека епидемијата не е со ист интензитет во сите земји.

„Ширењето на епидемијата напредува со различни стапки од земја до земја, во зависност од демографијата и другите фактори“, рече Клуге.

Тој рече дека секоја земја мора да ја процени состојбата и контекстот на ширењето на вирусот, мерките што се преземаат и нивната социјална прифатливост и да воведе соодветни мерки за интервенција. Според него, со искуствата на Кина, од каде започна епидемијата и другите земји покажале дека кога мерките како што се тестирање, испитување на минатите контакти на заразени лица, во комбинација со добро осмислена социјална мобилизација, може брзо и ефективно да се запре ширењето на вирусот и да се зачуваат човечките животи.

Земјите да соработуваат едни со други

Тој додаде дека СЗО испратила стручни тимови во четириесетте земји што побарале помош.

Според него, СЗО соработува и со медицинските служби, надгледувајќи го снабдувањето со медицинска опрема и материјали, со посебен фокус на најважните лекови за итни случаи, вклучувајќи антибиотици, анестетици, лекови за дијабетес, хипертензија, ХИВ и туберкулоза.

Покрај тоа, СЗО обезбедува лабораториска опрема и уреди, опрема за лична заштита каде што е потребно и соработува со производителите за зголемување на капацитетот на лабораториите за тестирање на пациенти.

„Овие се невидени моменти и многу е важно земјите да соработуваат едни со други, да учат едни од други и да ги координираат нивните напори. Вирусот може да се победи со солидарност“, нагласи Клуге.

Слични содржини