СЗО започнува глобално мегатестирање на четирите најветувачки третмани за коронавирусот

од Stefanija Kuzmanovska

Комбинација на лекови веќе користена против ХИВ. Третман за маларија за првпат тестиран за време на Втората светска војна. Нов антивирус против ебола кој излезе минатата година.

Може ли некој од овие лекови да биде клучен за спас на пациентите заразени со коронавирусот од сериозни последици или смрт? Во петокот, Светската здравствена организација (СЗО) објави големо глобално тестирање, наречено СОЛИДАРНОСТ, за да открие дали некој од овие лекови може да ги излекува пациентите од новиот коронавирус. Тоа е невиден напор – сеопфатен, координиран притисок брзо да се соберат стабилни научни податоци за време на пандемијата.

Студијата, која би можела да опфати илјадници пациенти во повеќе држави, е дизајнирана да биде што е можно поедноставна, со цел дури и болници преполни со заразени пациенти од Ковид-19, да можат да учествуваат во истата.

Околу 15 отсто од пациентите со Ковид-19 се во критична состојба и болниците се преполни, па затоа третманите се очајно потребни. Така, наместо да се создаваат соединенија од за кои ќе бидат потребни години за да се развијат и тестираат, истражувачите и јавните здравствени агенции се трудат да ги пренаменат лековите веќе одобрени за други болести за кои се знае дека се во голема мерка безбедни.

Научниците сугерираат голем број на постоечки соединенија за тестирање, но СЗО се фокусира на, како што велат, четирите најветувачки терапии: експериментално антивирусно соединение наречено ремдисивир; лековите за маларија хлорокин и хидроксихлорокин; комбинација на два ХИВ лекови, лопинавир и ритонавир; и истата таа комбинација плус интерферон-бета.

Веќе се појавија некои податоци за нивната употреба кај пациенти со Ковид-19. ХИВ-комбинацијата не успеа во една мала студија во Кина – но СЗО смета дека е неопходно големо испитување со поголем број на пациенти.

„Ќе биде важно да се добијат одговори брзо за да се обидеме да откриеме што функционира, а што не“, смета Ана Марија Хенао Рестрепо од СЗО.

Списокот на лекови за тестирање напрво беше составен за СЗО од страна на научници кои ги проценуваа кандидатските терапии уште од јануари, вели Хенео-Рестрепо. Групата избрани лекови кои имаат најголема веројатност да функционираат, се проверено најбезбедни од претходна употреба.

Слични содржини