Тачи: Оневозможена средбата во Белата куќа, случајност или заговор?

од Nikola Popovski

Косовскиот претседател Хашим Тачи изјавил денеска дека објавувањето на обвинителниот акт против него „го оневозможило“ да се одржи состанокот на претставниците на Белград и Приштина во Вашингтон, оценувајќи дека тоа ја елиминира можноста за постигнување мир меѓу двете страни.

Обраќајќи се пред јавноста преку видео-порака испратена до медиумите од неговата канцеларија, но и објавена на неговиот профил на Фејсбук, Тачи соопштил дека не знае дали станува збор за „случајност или заговор“ што обвинението е објавено додека тој бил на пат за Вашингтон, каде што требаше да се одржи состанокот на 27 јуни, на иницијатива на американскиот претставник Ричард Гренел.

„Ниту една добра намера или голема волја за правда не може да го оправда измислувањето на медиумска бомба за инкриминација на шефот на државата Косово, токму во моментот кога дијалогот со Србија би можел да влезе во нова фаза, благодарение на директниот ангажман на Белата куќа“, рече Тачи.

Тој оцени дека „во практиката на правдата во цивилизираниот свет“ објавувањето на обвинението, пред да биде одобрено од судското тело, претставува огромен скандал, пренесува Радио Слободна Европа.

„Ниту едно кривично дело, наводно, па дури и сторено, не го оправдува јавниот линч“, рече Тачи.

Слични содржини