Тачи: Повеќе сум подготвен за разговор со СДСМ отколку со ВМРО-ДПМНЕ

од Aleksandar Todeski

Претседателот на Демократската партија на Албанците Мендух Тачи порача дека повеќе е подготвен за разговор со СДСМ отколку со ВМРО ДПМНЕ. Неговата партија денеска во Тетово го завршува партиското организирање пред да почне кампања за изборите.

„Секогаш сум директен, не изигрувам политички фолирант како моите политички опоненти кои велат дека за нас се прифатливи и овие и тие. Многу е јасен политичкиот речник, пристапот на премиерот, отвореноста на премиерот да се разговара за многу тешки теми. Неговата заслуга за ова што го деблокиравме интеграцискиот процес води кон спремноста ние да разговараме и понатаму со СДС. Што се однесува до ВМРО-ДПМНЕ, мислам дека им претстои многу голема битка со внатрешниот катарзис. Ми беше чудно кога нивниот лидер не напаѓаше пред два-три дена дека јас сум рекол вака или така. Значи, моите изјави ги превртуваше. Јас сум многу транспарентен и ќе дојде време, многу бргу, ќе кажам во јавноста какви посредници меѓународни и околу нас праќа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за да имаме некаков контакт“, рече Тачи.

Тој смета дека со останатите партии од албанскиот политички блок нема основа за соработка и дека многу работи, како што рече,  ќе бидат јасни кога ќе почне кампањата.

„Ова што вие го нарекувате албански блок, мислам дека тоа е анти-ДПА блок. Сите овие мали политички формации, почнувајќи од „Беса“ па до тој нашиот предавник, создадени се политички да не уништат нас. Јас ја враќам пораката  – исто така ќе се однесуваме – политички да ги уништиме. Нашата прва битка ќе биде со тие манипуланти кои во  2016 даваа придонес со факти и со аргументи ДУИ да ни остане на власт уште три години. Втората битка е против ДУИ и таа е политичка, коректна и морална битка затоа што тие се одговорни за сите недостатоци 17 години. Тоа ќе биде тешка битка. Иако некои сметаат дека тоа е битка помеѓу Голијат и Давид, но има во историјата случаи кога Давид го победи Голијат“, рече Тачи.

По изборите во ограноците во изминатиот период,  ДПА денеска во Тетово го формира новото претседателство на Централното собрание за да ја започне изборната кампњата на почетокот на 2020 година.

Слични содржини