Тачи за адвокат ангажирал поранешен соработник на Буш

од Vladimir Zorba

Косовскиот претседател Хашим Тачи го ангажираше американскиот адвокат Пјер Ричард Проспер, близок соработник на поранешниот американски претседател Џорџ В. Буш, јавува приштинска „Газета експрес“.

Проспер служеше како амбасадор на САД за воени злосторства во администрацијата на Буш.

Извори блиски до Тачи изјавија за весникот дека Проспер би бил со Тачи за време на денешното рочиште пред Специјалниот суд во Хаг.

Весникот наведува дека не е познато кој ќе го претставува Тачи во идните постапки во Хаг, со оглед дека Проспер не се наоѓа на списокот на 179 акредитирани адвокати објавени од судот.

Познати меѓународни адвокати се споменуваат меѓу оние кои би можеле да го бранат, вклучувајќи го и поранешниот обвинител во судењето на Слободан Милошевиќ – Џефри Најс, како и хрватскиот адвокат Лука Мишетиќ, кој го бранеше Анте Готовина во Хаг.

Претседателот на Косово, Хашим Тачи, денеска пристигна во зградата на Специјалното обвинителство во Хаг, каде треба да биде сослушан во врска со обвинението за кое се товари за воени злосторства извршени на Косово.

Обвинението против Тачи е поднесено на 24 април и сега е кај судија, надлежен да го разгледа и да донесе одлука за потврда, објави Специјалното обвинителство на крајот на јуни.

Според изјавата на обвинителот, Тачи, Весели и други осомничени се товарат за скоро 100 убиства.

Слични содржини