Таховска: Финансиските друштва максимално ги искористуваат законските слабости за поголеми профити на сметка на корисниците на брзи кредити

од Vladimir Zorba

Доцни донесувањето на измените на Законот за финансиски друштва. Последниот чекор во оваа насока беше реализиран минатата година во октомври, кога предлог Законот за изменување и дополнување на Законот за финансиски друштва беше објавен на ЕНЕР.

Здружението за заштита на правата на корисниците на потрошувачки кредити- Кредит протект, кое стои зад предлогот за дополнителни измени, е незадоволно од бавното одвивање на работите поради кое како што велат, финансиските друштва продолжуваат да го изигруваат законот.

„Министерството за финансии не извести дека донесувањето на измените на Законот е во застој поради други приоритети на Владата и Собранието, што според мене е апсурдно бидејќи доуредувањето на Законот за финансиски друштва е приоритетно бидејќи на тој начин ќе се сопре изигрувањето на законот и оптеретувањето на корисниците на брзите  кредити со незаконски трошоци“, вели за „Локално“, Елена Таховска- претседател на Кредит протект.

Во моментов според неа, законското регулирање на финансиските друштва е во сива зона која им овозможува да ја вршат својата дејност на начин на кој тие сметаат дека е правилен. Цел се поголеми профити на сметка на корисниците на овие кредити кои се презадолжуваат со долг кој имајќи ги во предвид нивните примања, често пати во извршна постапка го отплаќаат со години и не ретко завршуваат и со конфискување на имот и негова  продажба.

Оттука според Таховска, измените на Законот треба да предвидат построги услови во работењето на финансиските друштва, а со тоа многу поголема заштита на граѓаните кои одлучуваат да се задолжат преку брзите кредити.

Во изминатите пет години неколкукратно се зголеми бројот на финансиски друштва кои овозможуваат брзи кредити, почнаа  буквално да „никнуваат“ на секој ќош. Лесното задолжување преку тн.брзи кредити ја загрижи стручната јавност која побара измени на Законот за финансиски друштва . Дали и во која насока се тие потребни?

-Да, за жал Законот за финансиски друштва е недоречен и нецелосен при што неопходно е истиот да биде доуреден и да претрпи големи измени. Моменталниот закон нема никаква подзаконска регулатива која би го регулираланачинот на работа на финансиските друштва. Не постои правилник за вршење контрола и надзор врз финансиските друштва од страна на Министерството за финансии, кое своите контроли ги спроведува по своја проценка како што смета дека е најдобро.

Законот не предвидува начин на вршење кредитна анализа од страна на финансиските друштва или минимум критериуми за одобрување на кредит што им остава простор на истите да одобруваат кредити и на граѓани кои воопшто не се во можност да го отплатат кредитот, на лица кои се невработени па дури и на приматели на социјална помош, за кои е евидентно дека нема да бидат во можност да го отплатат кредитот. Оттука, неопходно е да се предвидат одредби кои ќе дефинираат минимум критериуми за утврдување на кредитната способност на лицата кои аплицираат за потрошувачки кредит.

Како појдовна основа за утврдување на кредитната способност потребно е барем  да постои обврска да се пресмета соодносот на примањата што ги има лицето со висината на ратата и постоечките кредитни изложености што лицето ги има во моментот на аплицирање за кредитот, преку која пресметка финансиското друштво ќе може да оцени дали тоа лице имајќи ги во предвид примањата кои ги има, ќе биде во можност редовно да го отплаќа кредитот но и да му остануваат основни средства за живот. Но бидејќи не се предвидени никакви критериуми за утврдување на кредитната способност на корисниците на вакви кредити, оставен е простор да исплаќаат кредити на лица кои реално не се способни за истот да го отплатат. Со воведување на одредби за определување на кредитната способност и минимум критериуми ќе се намали можноста за презадолжување на граѓаните и исплата на кредит на лице кое поради кредитот би се оставило без основни средства за живот но и би се забранило исплаќање на кредит на лица чии средства потекнуваат од социјална помош или друг вид на помош од државата.

Следно, не се предвидени никакви одредби кои би го ограничиле препакувањето или како што го нарекуваат рефинансирањето на кредитот, со кое ја маскираат реалната состојба кога корисникот е во задоцнување со кредитот, односно имаат слобода да препакуваат кредит кој е во доцнење до недоглед со тоа што кога клиентот е во доцнење на износот кој го доцнат како главница го засметуваат и трошоците за задоцнета отплата кои клиентот неможе да ги плати, и на овој начин со неколку препакувања долгот по кредитот може да се зголеми и десеткратно од износот кој е исплатен.

Секако битно е да се напомене и дека не сите термини се доволно прецизирани во Законот за финансиски друштва, па оттука оставен е простор за нивно понатамоно толкување, од што произлегува една така наречена сива зона во законското регулирање на финансиските друштва, поради која истите се оставени да ја вршат својата дејност на начин на кој тие сметаат дека е правилно.

Дополнително, користењето на потрошувачките кредити меѓу кои спаѓаат и „брзите кредити“ е регулирано со Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити кој предвидува ограничување на Стапката на вкупните трошоци, но проблемот е што според овој закон во овие трошоци спаѓаат трошоците за одобрување и редовна отплата на кредитот, но не и трошоците за задоцнета отплата и други трошоци поврзани со кредитот како што се на пример трошоците за финансиско советување кои финансиските друштва ги наплаќаат. Бидејќи Законот за финансиски друштва не го регулира ниту ограничува сметањето и наплатата на овие трошоци на никаков начин, финансиските друштва оваа законска недореченост ја искористуваат максимално и редовна е појавата поради овие трошоци, а во најголем дел поради трошоците за задоцнета отплата, кредит од 10,000 денари да премине во долг од 100,000 денари.

Пресметката и наплатата на овие трошоци за задоцнета отплата е спорна, бидејќи Законот за облигационите односи предвидува дека во случај на задоцнување со парична обврска се пресметува казнена камата. Законот не предвидува пресметка и наплата на други трошоци или надоместоци во случај на задоцнување со исполнување на паричната обврска од кредитот од што произлегува дека наплатата на овие трошоци или надоместоци за задоцнета отплата се незаконски. Но за оценка на законитоста на нивната примена Министерството за Финансии се огласи за ненадлежно, а сеуште нема судска пракса која би ја прогласила наплатата на овие трошоци за ништовна.

Какви се евентуалните казни со кои финансиските друштва можат да се соочат?

-Дополнително на претходно наведеното, казните за непочитување на законот од страна на Финансиските друштва се многу мали. За непочитување на одредбите кои ги засегаат граѓаните најголема казна е пет илјади евра, која е апсурдно мала за да има ефект врз финансиските друштва да го почитуваат законот.

Согласно наведеното, евидентно е дека Законот за финанскиски друштва е целосно недоречен и остава голем простор за негова злоупотреба од страна на Финансиските друштва што во реалноста секојдневно се случува. Затоа неопходне е негова измена и дополнување во најскоро време.

Дали имате информација до каде е процедурата со измените кои меѓу другото, треба да ги ограничат вкупните трошоци на потрошувачките кредити што ги одобруваат финансиските друштва, со цел заштита на граѓаните од презадолженост?

-Иако предлог Закон за изменување и дополнување на Законот за финансиски друштва по иницијатива на Министерството за финансии беше објавен на ЕНЕР за коментари лани 2021 во октомври, измените сеуште не се донесени.

Бидејќи ние како Здружение за заштита на правата на корисниците на потрошувачки кредити, комунициравме со Министерството за финансии за измените и дадовме предлог за дополнителни измени, од комуникацијата со нив добивме информација дека Министерството ги поддржува измените на законот и не известија дека прифатиле и голем дел од нашите предлози за измени, кои генерално доколку се усвојат во голем дел ќе ги ограничат Финансиските друштва во изигрување на законот и ќе ги ограничат трошоците за задоцнета отплата и трошоците во случај на препакување на кредит, како и дека ќе се предвидат процедури за одржување на кредитни одбори, одбор за ризици но и дека ќе се предвидат процеси за вршење на кредитна анализа, но не известија дека донесувањето на измените на Законот е во застој поради други приоритети на Владата и Собранитето, што според мене е апсурдно бидејќи доуредувањето на Законот за финансиски друштва е приоритетно бидејќи на тој начин ќе се сопре изигрувањето на законот и оптеретувањето на корисниците на овие кредити со незаконски трошоци.

Сепак неможеме да бидеме сигурни дека измените ќе бидат усвоени и со цел истите да стапат на сила мора да поминат на Владина седница и потоа истите да бидат усвоени на Собрание. Но сепак треба да се има во предвид дека дури и доколку се усвојат предлог измените на Законот, истите нема да важат ретроградно што значи дека нема да се решат проблемите на моменталните корисници на овие кредити.

Кои се најспорните точки во досегашниот начин на функционирање на финансиските друштва? Со какви проблеми и неизвесности се соочуваат граѓаните кои ќе одлучат да земат брз кредит?

-Пред се, генерално најголем проблем е нетранспарентноста на финансиските друштва во поглед на трошоците и надоместоците кои ги наплаќаат. Имено финансиските друштва најчесто ги рекламираат своите кредити дека се со 0% каматна стапка, дека се без скриени трошоци, но во реалноста истите предвидуваат еден куп трошоци кои ги предвидуваат во нивните тарифници или општи услови и истите не им ги соопштуваат на клиентите, а од друга страна без да им остават простор на клиентите да се запознаат со овие трошоци, односно да им посочат каде се предвидени истите, им даваат да потпишат документи со кои корисниците потврдуваат дека биле запознаени со нив. Битно е да се напомене и дека голем дел од финансиските друштва воопшто го немаат објавено тарифникот на нивните веб страни.

Следно, како што наведовме и претходно, спорно е предвидувањето, наплатата и неограниченоста на трошоците за задоцнета отплата и трошоците за финансиско советување, на кои би ги додале и трошоците за итна или брза исплата на кредитот. Имено, финансиските друштва се „чисти“ пред законот, бидејќи овие трошоци се најчесто предвидени во нивните тарифници или општи услови и како што наведовме ги наведуваат клиентите да потпишат дека биле запознаени со овие трошоци а тоа не е случај, но граѓаните следејќи ги рекламите кои тврдат издавање на кредити за 15 минути одаплцирање, не можат да претпостават дека за таа услуга ќе им биде наплатен износ од 20% а кој во некои случаи оди и до 50% од износот на главниот долг, а за жал тој трошок не е посебно нагласен при исплата на кредитот.

Дополнителен проблем се јавува кога на граѓаните ќе им биде понуден Договор за финансиско советување, кој најчесто знае да чини и до 80% од износот на кредитот. Проблемот што се јавува е тоа што тој Договор не им е понуден на граѓаните со експлицитно објаснување дека станува збор за финансиско советување кое чини до 80% од износот на кредитот, туку им е претставен како објаснување за понудите на кредитите што тоа финансиско друштво ги има, што всушност претствува и дел од нивната работа,а тој Договор за финансиско советување,најчесто е даден за потпишување заедно со главниот договор за потрошувачки кредит, за што странките сметаат дека претставува само уште еден примерок од Договорот за кредит.

Како пример за погоренаведеното, трошоците поврзани со исплатата и/или финансиското советување за кредит со главен долг во износ од 10.000,00 денари може да достигнат и до 10.000,00 до 12.000,00 денари. Што значи дека лицето во старт треба да врати дупло поголем износ од средствата кои ги зема како кредит без тука да се пресметани каматата и/или административните трошоци за одобрување и исплата на кредитот. Овие износи варираат од едно до друго финансиско друштво.

Што се случува кога должникот веќе не може да го отплатува кредитот? Кои механизми им стојат на располагање на финансиските друштва?

-Најголемиот проблем се јавува кога лицето на кое му било одобрен кредит падне во задоцнување со отплата на кредитот, бидејќи во овој момент друштвото започнува да смета покрај законската камата за задоцнета отплата и трошоци и надоместоци за задоцнета отплата, кои како што наведовме претходно се спорни бидејќи законски не се дозволени, но бидејќи се именувани како трошоци истите во пракса се прифатени од надлежните институции. Овие трошоци во различни финансиски друштва различно се предвидени. Кај едно финансиско друштво се наречени трошоци за задоцнето плаќање, кај друго надоместок за опомена за задоцнета отплата, кај трето административен трошок за задоцнување и сл.Но бидејќи како што кажува правото, тоа што не е забрането со посебен закон е дозволено, а истото не е забрането со Законот за финансиските друштва истите се наплаќаат до степен што го прави договорот за кредит лихварски договор.

Па оттука, некои финансиски друштва наплаќаат трошоци по 900,00 денари на секои 3 до 5 дена, некои наплаќаат износи од по 1.500,00 денари кои на секои 15 дена се зголемуваат и стигаат до износ од 6.000,00 денари па така лицето кое подигнало кредит сега наместо првичните 10.000,00 денари, зголемени за трошоци до 20.000,00 денари стига до износ од 40.000,00 денари. Во моментот кога лицето ќе падне во задоцнување покрај ратата го должи и трошокот за задоцнета отплата, но бидејќи не е во можност да ја плати и ратата и трошокот најчесто износот што ќе успее да го собере и го уплаќа оди за трошоците за задоцнета отплата, и реално истото не стига да ги плаќа ратите и постојано плаќа трошоци за задоцнета отплата бидејќи ратите редовно доспеваат и на секоја рата се смета трошокот за задоцнета отплата.

Кога веќе на лицето ќе му доспеат повеќе рати, најчесто после третата доспеана и неплатена рата,  финансиските друштва им нудат опција со која им го рефинансираат кредитот за да ги препакуваат ратите кои се во доцнење но заедно и со трошоците за задоцнета отплата кои не се платени. Корисниците на кредитите најчесто ја прифаќаат понудата за рефинансирање бидејќи не се во можност да го отплаќаат долгот, но во моментот кога ќе се склучи овој договор за рефинансирање на постоечкиот договор, потапката почнува од почеток, со една разлика. Наместо почетниот главен долг од 10.000,00 денари, сега лицето има главен долг од 40,000 денари на сега на овој износ дополнително се пресметуваат трошоци за одобрување, административна обработка и сл. и истиот стига до околу 50.000 денари. И секако се поставува прашањето како лицето кое не можело да ги враќа ратите од по 2.000,00 денари на главен долг од 10.000,00 денари, сега ќе ги враќа ратите од по 5.000,00 – 6.000,00 денари на главен долг од 50.000 денари. Оттука може да се претпостави дека лицето повторно ќе западне во задоцнување и на тој начин долгот ќе му стигне и до 100.000,00 денари за првичен главен долг од 10.000,00 денари, што реално во пракса согласно нашето искуство често се случува.

Имајќи го во предвид погоренаведеното, евидентно е дека овој начин на злоупотреба на недореченостите на Законските одредби кои ги регулираат брзите кредити и работата на Финансиските друштва мора да се спречи, бидејќи финансиските друштва максимално ги искористуваат законските слабости со цел се поголеми профити на сметка на корисниците на овие кредит кои се презадолжуваат со долг кој често пати во извршна постапка имајќи ги во предвид нивните примања го отплаќаат со години и не ретко завршуваат и со конфискување на имот и продажба на истиот. Сето ова евидентно оди на сметка на економскиот напредок на нашето општество, бидејќи се создава категорија на граѓани кои ја губат својата финансиска моќ бидејќи се западнати во долг кој го консумира поголемиот дел од нивните приходи.

К.В.С.

Слични содржини