Тајкун возел 400 километри на час по автопат (ВИДЕО)

од Nikola Popovski

Чешкиот тајкун Радим Пасер го возел своето „Бугати Широн“ со брзина од 417 километри на час на автопат во Германија и снимил се, поради што Министерството за транспорт на таа земја објавило остро соопштение во кое се наведува дека се работи за „свирепо возење“.

На видеото објавено на Јутјуб каналот на Пасер се гледа како тој вози „Бугари“ со огромна брзина на делот од автопатот А2 меѓу Берлин и Хановер. Пасер под видеото напишал дека е снимено минатата година, на рамна делница од 10 километри со три ленти и при одлична видливост и додал дека „безбедноста била приоритет“.

Сепак, на видеото се гледа дека видливоста не била многу добра, бидејќи се стемнувало.

Иако на тој дел од автопатот нема ограничување на брзината, германското Министерство за транспорт реагираше со соопштение во кое се наведува дека „ваквиот суров начин на возење во редовен патен сообраќај е недозволив и опасен бидејќи може да ги загрози сите учесници во сообраќајот“.

Министерството напомена дека законот налага возачите да возат само толку брзо што возилото е постојано под контрола.

Според Форбс, Пасер е 33. најбогат човек во Чешка со богатство од 308 милиони долари, пренесува „Јутарњи лист“.

Инаку, „Бугати Широн“ со кој чешкиот тајкун возел 417 на час има мотор од 8.000 кубни метри и 1.500 коњски сили. Забрзува до 100 на час за 2,4 секунди, до 200 за 6,5 секунди, до 300 на час за 13,6 секунди и до 400 за 32,6 секунди.

Потребни се само 9,4 секунди за да се запре со 400 на час, според веб-страницата на компанијата „Фолксваген“. Неговата максимална брзина е електронски ограничена на 420 километри на час.

 

Слични содржини