Талибанците бараат можност да зборуваат во Обединетите нации

од Vladimir Zorba

Министерот за надворешни работи на новоназначената талибанска влада, Амир Кан Мутаки, во писмо побара да зборува во Генералното собрание на ОН во име на Авганистан, рече портпаролот на светската организација.

ОН се уште не одлучиле кој ќе го претставува Авганистан на седницата на Генералното собрание што беше отворена вчера и која ќе трае една недела, бидејќи и поранешниот амбасадор на соборената авганистанска влада побара да зборува, изјави портпаролот на ОН Стефан Дијарик.

Двете спротиставени барања ги разгледува комисијата за акредитација, додаде портпаролот на ОН, без да наведе дали комисијата ќе се состане пред понеделник, последниот ден кога лидерите на земјите во светот ќе настапат на престижната трибина на ОН во Њујорк.

На 15 септември, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, прво доби писмо од сегашниот постојан претставник на Авганистан, потпишано од амбасадорот Гулам Исакзај. Амбасадорот се претстави како шеф на делегацијата за Генералното собрание, изјави портпаролот на ОН.

Потоа, на 20 септември, Гутереш прими писмо упатено до Министерството за надворешни работи на Исламскиот емират на Авганистан, кое беше потпишано од шефот на дипломатијата кога Талибанците го назначија по преземањето на власта во средината на август.

Амир Кан Мутаки побара да учествува на големиот светски дипломатски собир, додаде портпаролот на ОН, без да наведе дали планира да зборува лично во Њујорк или преку видео, како што беше дозволено оваа година поради „ковида-19“.

Талибанскиот министер во писмото истакна дека авганистанскиот претседател Ашраф Гани е „соборен“ и дека земјите во светот повеќе не го признаваат како претседател на Авганистан.

Портпаролот на талибанците во Доха, Сухаил Шахин е назначен за авганистански амбасадор во ОН, се наведува во писмото.

Повеќето светски влади се уште не ја признаа владата назначена од Талибанците и бараат новите владетели на Авганистан прво да исполнат повеќе услови, вклучувајќи почитување на правата на жените и ветување дека ќе им дозволат на Авганистанците кои сакаат да ја напуштат земјата.

Комисијата за акредитација е составена од Русија, Кина, САД, Шведска, Јужна Африка, Сиера Леоне, Чиле, Бутан и Бахамите.

Во случај кога има две спротиставени барања за дипломатско застапување за една држава, комисијата честопати воздржуваше и го препраќаше прашањето до Генералното собрание за да се одлучи со гласање, изјави дипломатски извор за АФП.

Слични содржини