Талибанците бараат помош по разорниот земјотрес: Најмалку илјада загинати

од Stefanija Kuzmanovska

Талибанците бараат од меѓународната заедница да испрати помош во Авганистан по разорниот земјотрес со јачина од 6,1 степени според Рихтер, во кој загинаа повеќе од 1.000 луѓе, а најмалку 1.500 беа повредени.

Не е познат бројот на затрупани во урнатините, па се стравува дека бројот на жртви би можел да биде многу поголем, јавува Би-Би-Си.

Земјотресот уништи повеќе од 3.000 куќи и спаси околу 6.000 луѓе од погодените области.

Земјотресот ја погоди југоисточната провинција Пактика, а Обединетите нации се обидуваат да обезбедат итно засолниште и помош во храна за сите.

Портпаролот на талибанците Занихулах Муџахид на Твитер објави дека во загрозената област Пактика од Пакистан пристигнале осум камиони со храна и други неопходни продукти, како и два авиона со хуманитарна помош од Иран и Катар.

ОН немаат доволно капацитет да бараат и спасуваат луѓе по разорниот земјотрес во Авганистан, а Турција е во најдобра позиција да ги обезбеди, изјави вчера заменик-претставникот на ОН во Авганистан Рамиз Алакбаров.

Јужна Кореја најави помош за настраданите од земјотрес од милион долари.

Јапонската влада планира да обезбеди помош за Авганистан, изјави денеска нејзиниот портпарол Сеиџи Кихара, додавајќи дека владата ги координира потезите за брзо обезбедување на потребната поддршка.

Спасувачките напори се отежнати поради силниот дожд и недостатокот на средства.

Организирањето подиректна меѓународна помош би било тешко, бидејќи многу земји, вклучително и Соединетите Американски Држави, испраќаат хуманитарна помош преку ОН и други организации за да избегнат испраќање пари на талибанците.

Слични содржини