Талибанците со предлог до САД – прекин на огнот во Авганистан во траење од седум до 10 дена

од Nikola Popovski

Талибанците на американскиот пратеник во преговорите Залмај Халилзад му предале документ во кој изнеле понуда за привремен прекин на огнот во Авганистан што ќе трае од седум до 10 дена.

Документот доцна синоќа во Доха, каде талибанците имаат своја политичка канцеларија за врски, му бил предаден на Халилзад, пратеникот на Вашингтон во овие преговори, јавија американските медиуми, повикувајќи се на талибански извори.

Засега не е јасно дали понудата на талибанците ќе биде доволна за обнова на преговорите меѓу талибанците и САД, што имаат за цел доаѓање со мировен договор.

Халилзад претходно рече дека договорот треба  да вклучи и почеток на преговори меѓу завојуваните страни во Авганистан, но талибанците одбиваат разговори со владата во Кабул.

Во септември минатата година се чинеше дека талибанците и САД се блиску до потпишување на договор, но, заради изненадувачкиот пораст на напади на талибанците, во кои беше убиен и еден американски војник, американскиот претседател Доналд Трамп ги прекина преговорите

Во текот на својата прва посета на американските војници во Авганистан, за Денот на благодарноста, Трамп го ублажи својот претходен став, наведувајќи дека талибанците се подготвени да постигнат договор.

„Меѓу талибанците владее мислење дека ќе им биде тешко да се реорганизираат по пауза во судирите“, изјави неименуван талибански претставник.

Талибанските борци, исто така, не сакаат да го предадат оружјето „мислејќи дека токму нивната борба е тоа што САД ги присилува да седнат на преговарачката маса“ додаде тој.

Слични содржини