Тамара: Отидовме, видовме, победивме – се чувствуваме како победници

од desk4

Отидовме, видовме, победивме. Ова е резултат на тимска работа, многу љубов и посветеност, рече Тамара Тодевска пред нејзините фанови кои дојдоа да ја пречекаат на Скопскиот аеродром по успешниот настап и освоеното осмо место на евровизиското финале во Тел Авив.

– Извинете што ме чекавте долго, не беше до нас тоа што доцневме. Ова се што го гледавте и што го доживеавме сите заедно е резултат на тимска работа, на многу љубов и посветеност. Напорно работевме три месеци и последниот ден во финалето сфативме дека се вредеше, изјави Тамара.

Таа се заблагодари за пречекот и за поддршката од тимот што ја придружуваше.

-Направивме добар резултат, иако искрено очекувавме повеќе, но добро поминавме. Се надевам дека сте горди. Многу сум среќна што се обединивме овие неколку дена, заедно славевме музика, љубов, нешто што ретко се случува. Многу сум среќна сум што ви го овозможив тоа и се надевам отворивме пат за следните претставници, да им биде полесно, зашто сега кога ќе се спомне Македонија нема да им биде сеедно, порача Тамара.

За преживеаните моменти од гласањето рече дека буквално 45 минути не дишеле, не биле свесни што се случува.

-Како ни се редеа 12-тките си викавме „што направивме”. Беше неизвесно, искрено ми е многу криво за двата бода со кои го испуштивме првото место од жирито. Никој не доминираше повеќе од нас таму. 45 минути бевме први. Се чувствуваме како победници, истакна Тамара

На Меѓународниот аеродром Скопје, Тамара и нејзиниот тим беа пречекани од членови на нивните семејства, обожаватели и бројни новинарски екипи.

Тамара Тодевска со освоеното осмо место го забалежа најдобриот пласман на земјава откако учествува на Евровизија од 1998 година. Претходно, најуспешен настап имаше Елена Ристеска со „Нинанајна“ во 2006 година кога беше 12-та. Последниот, пак, македонски претставник во финале беше Калиопи со песната „Црно и бело“ пред седум години на 57.Евровизија, што се одржа во Баку, Азербејџан.

Тамара синоќа на финалната вечер на Евровизија во текот на речиси целото гласање беше на врвот на табелата. По гласањето на стручните жирија заврши на второто место со 237 поени, зад Шведска со 239 бодови, но на крајот по пребројувањето на гласовите од публиката се пласираше на осмото место.

Северна Македонија доби максимални 12 поени од Австрија, Велика Британија, Албанија, Молдавија, Србија и Швајцарија.

На годинашниот избор за песна на Евровисија што се одржа во Тел Авив, Израел, победи холандскиот претставник Данкан Лоренс со песната „Arcade“. Второпласирана е Италија, а третото место го освои претставникот на Русија. Четвртото место го освои Швајцарија, а петтото Норвешка. Во финалето настапија 26 земји, а можеа да гласаат сите учесници односно 41 земја.

Тамара четврти пат учествуваше на Евровизија, но првпат како солист.

Aвтори на песната „Proud“ со која настапи во Тел Авив се Роберт Билбилов, Дарко Димитров и Лазар Цветкоски, а текстот е на Коста Петров и Сања Поповска. Придружни вокали беа Александра Јанева, Антонија Гиговска и Васил Гарванлиев.

Тамара пристигна на аеродромот Скопје

Публикувахте от MИА.mk в Неделя, 19 май 2019 г.

Слични содржини