Таравари за обвинувањата од ДКСК: Ова е класичен обид за лична дискредитација

од Берта Китинска

Градоначалникот на општина Гостивар Арбен Таравари ги отфрли обвинувањата околу неговата вмешаност во случај за дивоградба, кое вчера ги искажа член на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).

– Ова е класичен обид за лична дискредитација. Претходно се обидуваа со контроли на финансиската полиција да најдат незаконитости, но не успеаја, па сега преку ДКСК сакаат истото да го прават. Ме обвинуваат дека три години сум држел во фиока предмет и не сум постапувал по него. Тоа не е точно, бидејќи постапувано е по тој предмет во повеќе наврати. На ваков начин се пресметуваат политичките неистомисленици, бидејќи членот на ДКСК е член на ДУИ, рече Таравари на прес-конференцијата.

Тој пред новинарите покажа документи и појасни дека станува збор за објект куќа, а не зграда, за чија градба е издадена дозвола во јули 2018 година.

Иако подолго од три години било утврдено дека во Гостивар, близу противпожарната станица, се гради објект надвор од ДУП-от, градоначалникот Арбен Таравари и надлежниот градежен инспектор во општината не сториле ништо да ја спречат градбата, велат од Антикорупциската комисија, која покрена иницијатива за кривично гонење на двајцата, поради непостапување.

Антикорупционерите велат дека три години толерирал дивоградба

Иако подолго од три години било утврдено дека во Гостивар, близу противпожарната станица, се гради објект надвор од ДУП-от, градоначалникот Арбен Таравари и надлежниот градежен инспектор во општината не сториле ништо да ја спречат градбата, велат од Антикорупциската комисија, која покрена иницијатива за кривично гонење на двајцата, поради непостапување.

Случајот го реферираше членот на ДКСК Шемси Салаи, кој покрај иницијативата за кривично гонење на општинските надлежни лица, до Советот на јавни обвинители упати барање за одговорност на јавниот обвинител Арсим Адеми, затоа што „предметот го чувал во фиока“ три години, наместо да ја заврши истрагата.

Обвинителот Адеми го привлече вниманието на јавноста откако Зоран Милески-Кичеец, претекнувајќи на полна линија кај Стража, предизвика сообраќајна несреќа во која загина еден човек, а седуммина беа повредени. Обвинителот се спогоди со Кичеец, кој призна вина, за шест месеци затвор. Осомничениот Милески во моментот на несреќата требаше да биде во затворот во Струга, но подоцна се дозна дека бил привремено ослободен со лекарско уверение за срцева тахикардија.

Адеми како обвинител не се жалеше на едногодишната затворска казна за возачот кој на автопатот Тетово-Гостивар прегази двајца полицајци во 2019-та година. Тогаш на службена должност за време на увид загина 23-годишниот полицаец Петар Ѓурчиноски, а судот пресуди едногодишна казна за возачот.

Надлежниот инспектор во општината констатирал дека објектот отстапува од планот и била поднесена кривична пријава до обвинителството. Општината не извршила уривање на нелегалниот дел од објектот, правдајќи се дека на тендер не успеале да изберат фирма за уривање. Поради недоставување на информација, надлежните во општината добија и прекршочни казни од Државната комисија за спречување на корупцијата.

Слични содржини