Тажна деценија за Манчестер Јунајтед

од Stefanija Kuzmanovska

Манчестер Јунајтед уште еднаш разочара во Лигата на шампионите откако беа елиминирани уште по групното натпреварување по поразот од Лајпциг со 3:2 синоќа.

Славниот англиски клуб и трикратен европски шампион го одигра своето последно финале во Лигата на шампионите во 2011 година кога беше поразен од Барселона, и од тогаш имаше многу лош учинок во ова натпреварување и само два пласмани меѓу осумте најдобри.

Претходната деценија Јунајтед играше седум пати во Лигата на шампионите, а во нокаут фазата оствари само две победи, во 2014 година кога го победи Олимпијакос и надомести минус од два гола од првиот натпревар и во 2019 година кога го победи ПСЖ во Париз

Манчестер ја освои Лигата на Европа во 2017 година, а минатата сезона играше во полуфиналето на ова натпреварување, но тоа тешко може да ги утеши навивачите на овој клуб, навикнати на многу поконкурентни екипи на клубот од „Олд Трафорд“. Треба да се додаде дека Јунајтед, откако ја освои последната титула во Премиер лигата во 2013 година, има само едно второ место во шампионатот, што е нивниот најдобар резултат во последните седум години.

Од заминувањето на Сер Алекс Фергусон од клупата, Јунајтед одигра 35 натпревари во Лигата на шампионите и забележа 16 победи, седум нерешени средби и 12 порази, а во меѓувреме смени тројца тренери пред да го ангажира Оле Гунар Солскјер.

Поранешниот напаѓач на „црвените ѓаволи“ засега не успева да ја стабилизира играта на тим кој нема толку лоши играчи за да биде елиминиран во групата, но тимот не функционира добро и игра променливо. Едвај кога ќе се фати моментумот, како на пример во Премиер лигата, каде врзаа четири победи пред натпреварот во Лајпциг, скоро по правило, има грешка што не потсетува дека работите не се толку розови.

„Гледаме на оваа сезона да се биде или не за Оле, но во моментот работите не изгледаат добро за него. Понекогаш сакаат да кажат, во ред е, нема причина за паника, но играта и резултатите сугерираат дека има причина за паника. Оле ќе ја изгуби работата работејќи со овие играчи, бидејќи по ноќта следи денот. Навистина сум загрижен за Манчестер Јунајтед. Нема енергија, нема ентузијазам и очигледен е недостаток на квалитет. Враќањето на патот кон успехот ќе биде долго“, изјави Рој Кин, поранешен капитен на Јунајтед и соиграч на Солскјер.

Јунајтед ќе се обиде да ја задржи формата во Премиер лигата по поразот од Лајпциг, но за викендот ќе се соочи со тешка задача – градско дерби против Сити.

Екипата на Солскјер има 19 бода по десет одиграни натпревари и во моментов е шести на табелата каде има пет бода помалку и натпревар помалку од Тотенхем и Ливерпул кои ги држат првите две места.

Слични содржини