Тен Хаг: Ова е само почеток, Роналдо и Мегваер ќе имаат улога во тимот

од Vladimir Zorba

Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Ерик тен Хаг беше пресреќен по победата од 2-1 над Ливерпул. Тоа беше прва победа во официјален натпревар за Холанѓанецот на кормилото на „црвените ѓаволи“, откако тимот претрпе порази од Брајтон и Брентфорд во претходните два меча во Премиер лигата. Тој ја коментираше и ситуацијата со Кристијано Роналдо и Хари Мегваер, кои не беа меѓу стартерите.

„Можеме многу да зборуваме за тактиката, но она што беше важно беше целокупниот однос на играчите. Играчите комуницираа на теренот и покажаа борбеност. Бевме вистински тим. Ова е само почеток. Способни сме да дејствуваме со поголема смиреност и да бидеме уште поопасни во нападот“, рече Тен Хаг.

„Им објаснив на играчите дека не треба да зборуваат, туку да дејствуваат. Им реков да бидат обединети и храбри. Среќен сум за головите на Санчо и Рашфорд. Бруно Фернандеш беше воодушевен од одговорноста да ја носи капитенската лента. Тој и Варан покажаа лидерски квалитети и нивните перформанси имаа големо влијание. Ни требаат повеќе лидери“, продолжи тренерот на Јунајтед.

„Задоволен сум од нашиот настап и сакам да го гледам истото на секој натпревар, не само против Ливерпул. Во Премиер лигата нема лесни натпревари и секогаш мора да играте максимум од вашите можности. Ќе имаме 50-60 и за секој од нив ќе се обидам да го изберам оптималниот состав. Не треба да зборувам за Роналдо и Мегваер одделно. Тие се одлични фудбалери и ќе имаат своја улога во тимот, вклучително и на краток рок“, објасни Тен Хаг.

На крајот од своето излагање тој истакна дека е задоволен од составот со кој располага и додаде дека при привлекувањето играчи акцентот треба да се стави на квалитетот, а не само на квантитетот.

Во следното коло Манчестер Јунајтед гостува кај Саутемптон.

Слични содржини