Тенисери играат за обложувалници: „Десетмина редовно местат“

од Nikola Popovski

Неименуван млад холандски тенисер за медиумите во својата татковина изјави дека пред две години дознал за шемата за местење тениски натпревари од својот поранешен дубл-партнер.

Според него, има дури десет професионални играчи кои редовно местат натпревари со цел да обезбедат дополнителен приход, а четворица од нив се Холанѓани.

„Делев соба со друг тенисер и разговаравме за тоа како финансиски успеваме да ги покриеме барањата на професионалниот тенис, што честопати е многу скапо. Играчите треба сами да платат за се – патување, сместување, понекогаш дури и тренер и тренинг сала. Тука се појави темата за местење натпревари – тој играч ми рече дека има друг мобилен телефон, од кој известува непознато лице со пораки за тоа кога ќе загуби сет на одреден натпревар во замена за неколку илјади евра. Бев изненаден – во принцип знаев дека постои, често имаше сомнежи во некои ситуации, но претпоставував дека тенисерите генерално се чисти“, изјави неименуван холандски тенисер за „NOS“.

„Не сакав да го пријавам овој случај досега – делумно затоа што мојот дубл-партнер ми беше пријател, а делумно затоа што тогаш ќе станам предмет на истрага. Морав да го предадам телефонот и слични работи. Покрај тоа, понекогаш се обложувам на тенис за забава, што може да предизвика проблеми“, продолжи младиот холандски тенисер.

Покрај играчите од Холандија, според анонимниот тенисер, во овој механизам за местење се вклучени и играчи од Франција, Шпанија и Белгија.

Судските власти во Холандија рекоа дека постапката ќе биде покрената, но дека не е шокантно што некои играчи се одлучиле да започнат, бидејќи од десетици професионални тенисери во таа земја, само неколкумина можат добро да заработат. Тениската федерација на Холандија излезе по повод сведоштвото на тенисерот и го осуди фактот дека играчи од таа земја учествуваат во вакви нелегални активности.

Во моментов, најдобро пласиран холандски тенисер е Талон Грикспур, кој се наоѓа на 118 -то место на АТП листата, но тој не е споменат во врска со овој спорен случај.

Слични содржини