Тенкови на улиците на Мјанмар, интернетот блокиран (ВИДЕО)

од Stefanija Kuzmanovska

Интернетот во Мјанмар беше блокиран во текот на ноќта во неделата, неколку часа откако оклопните возила влегоа во неколку градови, предизвикувајќи загриженост за судбината на демонстрантите и предупредувања од дипломатите дека „светот гледа“.

Оклопни возила се појавија на улиците во Јангон, Мијткина и Ситве во неделата, според снимките што ги пренесуваат во живо локалните медиуми на Интернет, пишува „Гардијан“, наведувајќи дека ова е најголемата демонстрација на сила по воениот удар на први февруари.

Непотврдено видео и фотографии на социјалните мрежи покажуваат воени камиони со војници на улиците во Јангон.

Американската амбасада во Мјанмар предупреди во неделата вечерта на „движења на војската“ во главниот град Јангон и дека се очекува попречен пристап до Интернет. Околу 1.30 часот наутро, страницата за следење на Интернет „Нетблокс“ објави дека пристапот до Интернет е намален на 14 проценти од вообичаеното ниво.

Американската амбасада ги повика своите граѓани да „останат заштитени“ откако во градот беа забележани три оклопни возила, првпат по пучот. Исто така, се наведува дека постои можност за попречување во телекомуникациите во текот на ноќта помеѓу 1-9 часот наутро.

Група амбасадори во Мјанмар, вклучително и пратеници од Европската унија, САД, Велика Британија и Канада, ја изразија својата загриженост преку изјава во неделата вечерта.

„Ги повикуваме безбедносните сили да се воздржат од насилство врз демонстранти и цивили кои протестираа за соборување на нивната легитимна влада. Ние ги поддржуваме луѓето во Мјанмар во потрагата по демократија, слобода, мир и просперитет. Светот гледа“, наведоа тие.

Интернетот беше блокиран минатата сабота додека се одржуваа демонстрации, но беше обновен по 24 часа. Демонстрантите, претежно млади, ја користеа мрежата за организирање и снимање на нивните протести и полицискиот одговор.

Десетици илјади протестираа во најголемите градови во Мјанмар во неделата, деветти ден од демонстрациите против воениот удар.

 

Слични содржини