Тензии и навреди во Собранието: Опозицијата бара оставка од Филипче, тој им порача дека оставиле хаос во здравството

од Nikola Popovski

На расправа на Комисијата за здравство на која се дискутираат измени на Законот за заштита на населението од заразни болести опозицијата бара оставка од министерот Филипче и специјална комисија која ќе се справува со корона кризата.

„Нормално е да побараме оставка од вас, имате 1000 починати. Мерките се задоцнети, нема да дадат резултат“, порача пратеникот Петар Ристески и запраша зошто хронично болните одат на работа, ако се знае дека смртноста меѓу нив е најголема.

„Вие сте единствен што не носи маска овде цела седница и вие ќе ми зборувате за мерките? Не носите маска цела седница. Хроничните пациенти се целосно заштитени, на почетокот не одеа сите на работа, а сега од специјалист се ослободени 6 месеци“, изјави министерот за здравство, Венко Филипче.

На ова пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ му одговори дека Македонија има најкатастрофални резултати и дека нема да слуша „кецарош“, туку некој што има добри резултати. Ристески меѓу другото порача дека неговата партија бара формирање на нова Комисија за заразни болести, затоа што од актуелната не се задоволни.

Филипче порача дека хаосот потекнува од 60-те милиони евра долг што ги оставила ВМРО-ДПМНЕ.

„И ако сакавте во Дограма да инвестирате немаше да правите Скопје 2014, ќе ја направевте Дограмата, ќе ја направевте болницата од милијарда евра. Срамота е ова што го зборите. Јас не знам како излегувате овде и зборите не ми е јасно, со кое лице. Вие за здравствени работници зборите. Што зборувате…колку беа платите, каде се докторите. Во Германија зашто ги избркавте. Како не ви е срам не ми е јасно“, рече Филипче.

Слични содржини