Жителите на село Мрамор, кое се наоѓа на неколку километри од Приштина, на брегот на Бадовачкото (Грачаничкото) езеро, денеска излегоа на протест, блокирајќи го регионалниот пат Приштина-Гњилане, поради доцнењето на градежните работи на патот од страна на Министерството за инфрастриуктура, јави дописникот на МИА од Приштина.

Протестот, околу пладне, како што јавија локалните медиуми, ескалира, откако настана тепачка меѓу неколку возачи и патници кои останале заглавени во колона и селаните кои го  блокираа патот. Откако интервенирала полицијата, дошло до судир и меѓу демонстрантите и полицајците, по што се приведени неколку лица.

Месното население протестира затоа што градежните работи се оставени напола, на патот има длабоки кратери, а земјата која е отсранета од местото каде што се гради, е натрупана под далноводи со кабли со висок напон, што го загрозува животот на децата од селото кои играат на тие места.

Рокот од 169 дена за реставрација на патот, кој го вети надлежното министерство, одамна е пробиен, велат жителите на Мрамор.

Село Мрамор има нешто повеќе од илјада жители и сите, односно 99.90 отсто, според пописот од 2011, се Албанци.

Слични содржини