Актуелно
Почетна / TOP NEWS / „Тесла“ на автопилот се удри директно во превртен камион (ВИДЕО)

„Тесла“ на автопилот се удри директно во превртен камион (ВИДЕО)

Автомобил „Тесла 3“, кој беше вклучен на автопилот, директно се удрил во превртен камион, што се наоѓаше на автопатот.

Видеото, кое прикажува директен удар на „Тесла“ во превртениот камион, е снимено во Тајван, а многумина на социјалните мрежи, каде се појави видеото, се прашуваа дали автопилотот воопшто е функционален, со оглед дека не успеа да запре во ситуација кога секој возач би избегнал судир.

Инцидентот се случил на Националниот автопат број еден во Тајван, јавува тајванскиот портал ЦНА.

Како што се наведува, камионот се превртел откако изгубил контрола, а возачот излегол од него за да постави знак за предупредување.

Неколку минути подоцна, како што може да се види на снимките од безбедносната камера, бел автомобил „Тесла“ наишол и директно удрил во превртениот камион.

Како што изјавил возачот на „Тесла“ за тајванскиот медиум, тој претходно го вклучил автопилотот и очекувал дека ќе реагира и ќе го избегне камионот. Меѓутоа, кога забележал дека автопилотот не реагирал, ја притиснал сопирачката, но било предоцна.

На видеото се гледа како автомобилот нагло сопира во еден момент, но судирот беше неизбежен.

Добрата вест за компанијата на милијардерот Елон Маск е дека возачот на автомобилот што го произведуваат не е повреден, иако ударот беше жесток.

Слични инциденти веќе се случиле, откако возачите честопати не земаат во предвид дека автопилотот на „Тесла“ не е систем за самостојно возење, туку само безбедносна помош на возачот.

loading...