Tesla намалува 7% од персоналот

од Vladimir Zorba

Пионерот на пазарот за електрични автомобили Tesla го намалува за 7% бројот на вработени со полно работно време, како дел од напорите за намалување на трошоците, објави „Блумберг“.

„Tesla ќе мора да ги спроведе овие кратења, истовремено да ја зголеми производствената стапка на Model 3 и направи многу подобрувања во производствениот инженеринг во наредните месеци“, појаснува извршниот директор Елон Маск пред вработените во внатрешна кореспонденција.

„Подобрувањата во производниот дизајн и поголемиот производствен обем се од клучно значење за Tesla за постигнување на заштеди од обем, потребен за производство на стандардниот Model 3 по цена од 35.000 долари, а сепак да останеме успешна компанија“, пишува во документот.

„Како што сите ние видовме, минатата година беше најголемиот предизвик во историјата на Tesla“, пишува Маск во писмото.

Во третиот квартал, производителот на електрични автомобили од Силиконската долина го изненади пазарот со профит, а Маск очекува компанијата да е на добивка и во четвртиот квартал. Во своето писмо извршниот директор појаснува дека според неревидираните резултати за последните три месеци на годината Tesla реализирала пониска добивка од онаа во третиот квартал.

Кратењата сега следат по намалувањето на бројот на вработените од 9% во јуни, бидејќи компанијата тогаш се стремеше да ги смали трошоците за време на периодот во кој се обидуваше да го зголеми производството на Model 3 по месеци на забавување. Компактниот седан е залог на Маск дека Tesla може да се претвори од играч во луксузниот сегмент во автомобилски производител, нудејќи поприфатливи автомобили на сите корисници.

Сепак, овој напор е попречен од неможноста на Tesla да понуди автомобил за очекуваните 35.000 долари. Најевтината верзија започнува од 44.000 долари, откако Tesla ја намали цената на сите негови автомобили за 2.000 долари на почетокот на јануари.

Пред само една недела, кратења имаше и во друга компанија за Маск – SpaceX. Организацијата, која има 6.000 вработени, вели дека ќе мора да се раздели со некои од нејзините работници. Како причина за ова, таа укажува на „невообичаено тешките предизвици“.

Слични содржини