Тихановскаја: Десетици лица кои беа уапсени за време на протестите се водат за исчезнати

од Vladimir Zorba

Десетици лица уапсени за време на протестите за изборните резултати во Белорусија исчезнаа и им се губат трагите. Европската унија не смее да ги заборави, рече во понеделникот белорускиот опозициски лидер Светлана Тихановскаја, која избега во Литванија од страв за сопствената безбедност.

„Сакам да кажам дека многу луѓе во Белорусија сега се политички затвореници. Тие се во затвор без никакво судење и таму се само заради своја, не знам како да кажам, заради нивната желба да зборуваат за тоа што се случува во Белорусија, за нивната желба да живеат во слободна земја“, рече Тихановскаја.

Таа потенцираше дека по демонстрациите „сè уште не знаеме каде се околу 70 луѓе и тие исчезнаа, и тоа е голем проблем за нас затоа што во 21 век, не треба да се случи во една европска земја луѓето да исчезнат, а надлежните органи да не прават ништо за да ги најдат“.

Како што изјави таа, „сите го видоа целото насилство извршено од нашите власти, како и полицијата врз сите овие мирни луѓе, и не беа покренати судски постапки за да се испитаат овие злосторства, како тоа да е нормално“.

„Не, тоа не е нормално и треба да се поведе судска постапка против сите полицајци кои ги претепаа овие луѓе“, смета таа.

Тихановскаја даде интервју за politico.eu ден откако десетици илјади луѓе повторно излегоа на улиците во Минск, додека Александар Лукашенко распореди огромен број полицајци за разбивање на демонстрациите.

Клучните згради, вклучително и резиденцијата на претседателот, кој го слави неговиот 66-ти роденден, беа опколени. Опозицискиот лидер изрази уверување дека протестите, како и работничките штрајкови, ќе продолжат сè додека Лукашенко не ја предаде власта и посочи дека неговите противници се подготвени за долга борба што може да добие нови форми.

„Штрајковите се исклучително важни, а штрајковите можат да имаат различни форми. Постојат многу начини, а демонстрациите не се единствените“, рече таа.

Таа додаде дека знае дека „ова нема да запре“.

„Треба да разберете … се разбудивме … повеќе нема да го прифаќаме“, додаде Тихановскаја.

Слични содржини