Актуелно
Почетна / TOP NEWS / Тихановскаја ги повика поддржувачите да ги прекинат протестите (ВИДЕО)

Тихановскаја ги повика поддржувачите да ги прекинат протестите (ВИДЕО)

Водечката кандидатка на опозицијата на претседателските избори во Белорусија, Светлана Тихановскаја, изјави дека се засолнила во Литванија и ги повика приврзаниците да сопрат со демонстрациите.

Тихановскаја првично одби да ги признае официјалните резултати од изборите во неделата, во време на остри судири меѓу властите и демонстрантите кои излегоа на улиците да изразат незадоволство од реизборот на долгогодишниот претседател Александар Лукашенко.

Таа денес им се извини на приврзаниците и изјави дека напуштањето на земјата е нејзин избор. Ги повика да го почитуваат законот и да избегнуваат судири со полицијата.

Им се заблагодари за нивната поддршка и додаде дека „народот на Белорусија избрал“.

Според официјалните резултати на претседателските избори, Лукашенко освои повеќе од 80 проценти од гласовите, а Тихановскаја околу 10 проценти.

Објавувањето на резултатите доведе до протести во претходните две вечери и сериозни судири меѓу полицијата и демонстрантите. Еден демонстрант е убиен за време на синоќешните судири, кога, според надлежните, експлодирал уред во неговите раце додека тој се подготвувал да го фрли, а десетици луѓе се повредени. Стотици беа уапсени.

Тихановскаја, 37-годишна поранешна учителка по англиски јазик без политичко искуство, се приклучи на изборната трка откако нејзиниот сопруг, популарен блогер кој ја објави својата кандидатура за шеф на државата, беше уапсен во мај.

Таа успеа да ги обедини опозициските групи и да привлече десетици илјади луѓе на предизборни митинзи. Ова беа најмасовните демонстрации на опозицијата во Белорусија од распадот на Советскиот сојуз во 1991 година.

Лукашенко (65), кој управува со Белорусија со цврста рака од 1994 година, немаше сериозен противник на изборите затоа што владата не ги одобри кандидатурите на неговите два главни ривали, Валери Цепкало и Виктор Бабарико.

Бабарико беше уапсен, а Цепкало избега во Русија, откако беше предупреден дека ќе биде уапсен и дека ќе му бидат одземени неговите деца.

Тихановскаја се најде под голем притисок за време на викендот, откако осум членови на нејзиниот изборен штаб беа уапсени, а еден од нејзините главни соработници, сопругата на Цепалко, избега од земјата во неделата, на денот на изборите.

loading...