Тихановскаја на средба со министрите за надворешни работи во ЕУ: Ќе има ли санкции за Лукашенко?

од Nikola Popovski

Белорускиот опозициски лидер Светлана Тихановскаја во понеделникот во Брисел ја повика Европската унија да воведе санкции за белоруските власти, кои ги обвини за местење на претседателските избори во земјата минатиот месец и побара од европските министри за надворешни работи да бидат похрабри.

И покрај протестите, кои се одржуваат шести викенд по ред против претседателот Александар Лукашенко во врска со контроверзната победа на изборите на 9 август, ЕУ сè уште се nе воведе санкции кон белоруските власти. Членките на ЕУ треба да го потврдат конечниот список, во кој треба да има околу 40 функционери

„Лидерите на ЕУ имаат причина да не воведуваат санкции, но јас ги повикувам да бидат похрабри“, изјавила Тихановскаја пред новинарите по состанокот на европските министри за надворешни работи.

„Санкциите се важни во нашата борба бидејќи тие се дел од притисокот што може да ги принуди т.н. власти да започнат дијалог со нас во опозицискиот совет“, рекла таа на прес-конференција во Брисел.

ЕУ и САД повикуваат на нови избори во Белорусија и бараат оставка од Лукашенко по 26 години на власт. Тихановскаја, чии приврзаници тврдат дека се победници на изборите на 9 август, ја отфрли можноста да учествува на новите избори.

ЕУ на крајот на август објави дека ќе замрзне средства и ќе ги забрани патувањата за белоруските официјални лица.

Сепак, за воведување санкции е потребен договор на сите 27 членки на блокот, а во исто време се води дебата за одделни санкции против Турција во спорот за енергетските ресурси. Кипар рече дека ќе ги поддржи санкциите за Белорусија ако блокот прво ги прифати предложените санкции против Турција заради операциите за вадење нафта.

Слични содржини