Тихановскаја: Во овој момент, се чини дека изгубивме

од Stefanija Kuzmanovska

Белоруската опозиција „ја изгуби контролата врз улиците“, рече кандидатот за претседател на Белорусија, Светлана Тихановскаја, во интервју за „Ле Темпс“.

– Морам да признаам дека ја изгубивме контролата врз улиците, немаме можност да се бориме против насилството на режимот врз демонстрантите. Тие имаат оружје, имаат моќ, па во овој момент, се чини дека изгубивме. Знам дека Белорусите се уморни од страв – рече Тихановскаја.

Според неа, луѓето во Белорусија очекуваа брзо решавање на политичката ситуација, но за „враќањето на демократијата“ требаше повеќе време отколку што се очекуваше.

Таа додаде дека стратегијата на опозицијата е „подобро да се организираат со цел да се врши постојан притисок врз режимот, сè додека луѓето не бидат подготвени повторно да излезат на улиците, можеби на пролет“.

Да потсетиме, масовните протести на опозицијата започнаа во Белорусија на 9 август, по претседателските избори. Според Централната изборна комисија, актуелниот претседател Александар Лукашенко победи на изборите со 80,1 процент од гласовите. Опозицијата не ги призна резултатите од изборите и смета дека победила Тихановскаја.

Слични содржини