„Титаник“: Димовски барал намалување на цената за рекламен простор за изборите во медиум

од Берта Китинска

Денеска во Основниот кривичен суд во Скопје продолжи судењето за изборни нерегуларности Титаник.

Сведокот Димитар Мицев, кој во 2014 година помагал при менаџирање на ТВ канал Вис, рече дека директно преговарал со политичките партии за отстапување рекламен простор за изборните кампањи, пренесува МИА.

– Помеѓу двата изборни круга имав личен контакт со Илија Димовски и со Давор или Далибор, не се сеќавам точно, за промена на цените кои ни се официјално дадени до ДИК. Средбата се случи во локалниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ во Струмица. Имаш насоки за преговарање за менување на ценовникот за да се откупи законскиот максимален простор од 66,6 проценти за еден медиум, рече сведокот.

Тој појасни, дека после разговорот доброволно го променил ценовникот и, дека затоа имаат два различни ценовници за парламентарни и за претседателски избори во ист период. Одбраната на повеќе пати реагираше дека прашањата на обвинителката Лиле Стефанова се наведувачки и во себе го содржат одговорот, како и дека не се однесуваат на кривично-правниот настан од обвинението, но Судот ги отфрли и прашањата беа дозволени.

На вкрстено прашање од Илија Димовски, дали евентуалната средба со него се одржала 14 или помалку дена од закажаните парламентарни избори, сведокот рече, дека мисли дека биле и повеќе денови. На прашање од Димовски, дали согласно закон немало горна граница за цени кои го определуваат радиодифузерите, сведокот рече не. Прашан дали и друг пат, при склучување на поголеми договори им биле барани попусти, сведокот рече да. На прашање од одбраната, дали бил вработен во ТВ Вис, сведокот рече не, зошто само помагал на сопственикот, кој е неговиот татко. Сведокот рече дека работел во фирмата Глобал медиа Струмица, пред промена на Законот за концентрација на медиумите, која се бавела со продажба на рекламен простор, но по промена на Законот, веќе е градежна фирма. Прашан, дали може да се заклучи дека во таа кампања вие имате дадено донација и за СДСМ, сведокот рече да.

Судењето продолжува на 22 февруари

Слични содржини