Тито и неговиот гроб: Постојаните конфронтации со „Куќата на цвеќето“

од Stefanija Kuzmanovska

Гробницата на Јосип Броз Тито, доживотниот претседател на Социјалистичката Федеративна Република Југославија, од почетокот на деведесетите години претставува политичка цел со која се пресметуваат неговите идеолошки противници и неистомисленици, пишува Би-би-си.

Некои би ја преместиле, други би ја уништиле , а постојат и теоретичари на заговор кои би го ексхумирале Тито за да проверат дали воопшто е закопан на тоа место.

Тито почина на 4 мај 1980 година во болница во Љубjана, а четири дена подоцна, во присуство на голем број луѓе, тој беше погребан во градината на неговата резиденција во Дедиње, која подоцна беше наречена „Куќа на цвеќето“.

Минатата недела неколку членови на екстремно десничарскиот клуб Цароставник се собраа пред Музејот на Југославија, во чиј комплекс се наоѓа гробот на Тито, носејќи транспарент со натпис кој повикува на ексхумација на Тито.

Тие бараат посмртните остатоци од Јосип Броз Тито да бидат „ексхумирани и уништени“, музејот на Југославија да биде „избришан од лицето на земјата“ и таму да се подигне „споменик во чест на жртвите од титоизмот“.

Цароставниците не се првите кои со ликот и делото на Јосип Броз Тито би се пресметале постхумно, преку неговиот гроб.

На единаесетгодишнината од смртта на Тито, Воислав Шешељ побарал остатоците од Тито да бидат преместени од Белград во неговиот роден Кумровец во Хрватска.

Движењето за обнова на Кралството Србија нуди поинакво решение – размена.
По откривањето на споменикот на Тито во Подгорица кон крајот на 2018 година, тие им понудија на црногорските власти размена на „спомен-комплексот на Тито во Дедиње“ за „старата срушена капела на Његош“ на Ловќен.

Гробот на Тито се најде на удар и на процес за враќање на имот во 2006 година кога Владимир Лешиќ, внукот на Милош Савчиќ – министер во владата на Кралството Југославија и градоначалник на Белград – поднесе барање до надлежните органи за враќање на имотот одземен по Втората светска војна.

Според неговите тврдења, имотот на кој се наоѓа Музејот на Југославија „бил одземен од неговото семејство од страна на комунистичките власти“.

Процесот за враќање на имотот се уште не е завршен, но со текот на времето, Лешиќ се откажа од гробот на Тито.

Оние кои се склони кон теории на заговор, веруваат дека Тито воопшто не бил закопан во Куќата на цвеќето.

Таа теорија се појавила уште во 80-тите години, но оживеа и пред десет години, во времето кога за прв пат беше побарана ексхумација на посмртните остатоци на Тито.

Затоа неговиот внук Јосип Јошка Броз, кој денес е пратеник во српскиот парламент и претседател на Комунистичката партија, мораше јавно да потврди дека неговиот дедо навистина е закопан во „Куќата на цвеќето“.

Броз тогаш изјави дека „од Љубjана до крајот на погребот“ бил со неговиот дедо и дека ги напуштил просториите во Куќата на цвеќето во два часот наутро „кога бил поставен голем камен кој го покрил гробот“.

Слични содржини