Тлото во Албанија не мирува, итна седница на Владата

од desk2

Тлото во Албанија не престанува да се тресе по силниот земјотрес што беше регистриран вчера со јачина од 5,8 степени според Рихтер на 30 километри северно од Драч, во Јадранското море. Во текот на ноќта и утрово се регистрирани серија од најмалку 25 земјотреси, со различна јачина. Во вчерашниот земјотрес кој е најсилен во последните три децении нема жртви, а стотина лица се повредени и хоспитализирани. Илјадници граѓани ноќта ја минаа на отворено од страв од нови силни потреси.

– „Сите наши комшии истрчаа панично. За среќа не траеше долго, околу 20 секунди. На десеттиот кат беше ноќна мора. Не се сеќавам на посилен земјотрес од овој“.

Сите жители кои нема да останат во нивните домови поради страв од нови земјотреси, по наредба на министерството за одбрана, армијата постави шатори во близина на стадионот во Драч. Во поставените шатори може да престојуваат граѓаните кои не се чувствуваат безбедни во нивните домови. Земјотресот оштетил повеќе од 290 домови , а пукнатини се појавиле на 20 станбени згради. На средбата во Министерството за одбрана со првите луѓе на најпогодените градови, Тирана и Драч, Министерката за одбрана Олта Џачка, посочи дека главно е регистрирана само материјална штета.

– „За среќа немаше жртви. Ќе направиме напори за подобро информирање и да ја обезбедиме потребната грижа. Најбрзо што можеме ќе формираме групи за проценка за да се обезбеди секој дека ќе биде обесштетен“. – Олта Џачка – министерка за одбрана.

Албанскиот премиер Еди Рама кој го прекина патувањето за Њујорк на генералното Собрание н ОН и упати критики кон локалните власти во Драч за лошо менаџирање со ситуацијата, денеска ги посети повредените во болницата во Тирана.

– „Почетна состојба која беше најтешка е завршена, повредените добија максимална грижа и им беа санирани повредите. Дел со полесни повреди се пуштени дома“. -Еди Рама – премиер на Албанија.

Рама рече дека стручни тимови ќе ги приоверат состојбите со оштетените објекти и дека најбрзо што може ќе бидат санирани. Повика да не се шири паника и страв. Земјотресот беше почувствуван на Балканот, најмногу во Црна Гора и во западните делови на Македонија. Серија земјотреси се регистрирани и во Црна Гора и во Босна и Херцеговина./24 vesti

Слични содржини