Тојота работи на автомобил на соларен погон

од desk2

Јапонскиот произведувач експериментира со хибридниот модел Приус на соларен погон кој би ја анулирал потребата на електричните автомобили за полнење на посебни станици, а инспирацијата ја нашле во новите и тенки соларни панели.

Во проектот кој е финансиран од јапонската влада, инженерите на Тојота поставиле соларни панели на хаубата, кровот, задното стакло и бочните елементи од каросеријата како би утврдиле колку струја можат да произведат од сончевите зраци.

Струјата од соларните панели оди директно во погонските батерии, што значи дека автомобилот може да се полни и во движење и паркиран. ЗА време на сончевите денови, панелите можат да произведат доволно струја за автономно возење од 56 километри.

Резултатите се значително полоши во случај на облачно време. Во таков случај автомобилот ќе мора да застанува и да се полни на електричен полнач.

Самите соларни ќелии се многу тенки, се на се 0,03 милиметри, што значи дека се доволно еластични за да се прилагодат на каросеријата на автомобилот. Инженерите морале да формираат изолациона зона помеѓу стаклото односно каросеријата и панелите како би ги заштитиле, така да дебелината на соларните модули всушност е еден центиметар.

Во багажникот на експерименталниот автомобил се наоѓаат батерии за соларните панели, со кои тежината на возилото се зголемува за околу 80 килограми. Најголем предизвик е намалувањето на тежината на батериите, тоа со себе носи и огромни трошоци, вели водечкиот инженер на проектот Сатоши Шизуку, додавајќи дека моделот најверојатно ќе биде комерцијален за неколку години.

Слични содржини