Томас Тухел: Да бидеме реални, Челси не е за титулата, но ќе направиме тим против кој никој нема да сака да игра

од Stefanija Kuzmanovska

Манчестер Сити веќе избега 11 чекори, а има и натпревар помалку, така што никој во Челси не се „занесува“ по идејата дека англискиот пехар на шампиони може да се врати на „Стемфорд бриџ“, иако пред почетокот на сезоната беа вложени 250.000.000 евра за засилување на персоналот бидејќи поставената цел е соборување на Ливерпул од тронот.

Разликата во однос на лидерот се зголеми во последните две кола, бидејќи „сините“ загубија од Лестер додека Френк Лампард седеше на клупата, а тие ремизираа со Вулверхемптон на дебито на Томас Тухел. Растојанието од врвот на табелата е толку големо што германскиот стручњак прв јавно го призна она што никој во клубот не го признава.

„Освојувањето на титулата е далеку. Мора да бидеме реални“, наведе Тухел, иако му е јасно дека се очекува висок пласман од него. Барем меѓу првите четири екипи, што би гарантирало уште една игра во Лигата на шампионите.

„Кога ќе дојдете во Челси, или како играч или, во мојот случај, тренер, тоа го правите за да се борите за трофеи. А, тоа значи купови од Премиер лигата, Лигата на шампионите, сите други купови. Тоа е апсолутно јасно. Во исто време, мора да бидеме реални. Постојат многу тимови помеѓу нас и тимот што го зазема четвртото место, а тоа е минимумот што го сакаме. Разликата во поени е голема. Најважно е да не се изгуби фокусот, туку да се работи на деталите секој ден, поените ќе дојдат“, вели тој.

„Ова беше почетна точка. Ќе се посветиме на нашите доблести, таму каде што сме силни. Ќе изградиме тим против кој никој нема да сака да игра. Тоа е предизвик. Мојата цел е да го сторам тоа што е можно побрзо. Јас сум многу задоволен од она што го видов против Вулверхемптон“, додаде тренерот.

Слични содржини