Томшиќ: Дигитализацијата не значи дека учениците ќе седат во училница со телефони, таблети и компјутери

од Берта Китинска

Тврдењата дека со дигитализацијата ќе дојде до класно раслојување се целосно неиздржани, бидејќи токму со оваа реформа секое дете ќе има пристап до ИТ уред, рече Душан Томшиќ претставник од МОН во гостување во Топ тема на телевизија Телма.

Томшиќ потенцираше дека во училиштата со проект поддржан од Светска банка ќе се направи библиотечен фонд на таблети каде што за секое дете коешто нема електронски уред ќе му биде даден таблет со наставната содржина, за да може истиот да го користи.

“Никој не вели дека учениците со таблети, со телефони или компјутери ќе седат во училница. Значи тие ќе си имаат секако настава како и до сега што си имале и ќе се задржи односот наставник-ученик. Но идејата е да се направи една забавна и лесна страна на учењето, од хартија да се пренесат дигиталните содржини кои ќе говорат на јазикот на детето. Кои ќе воведат многу забавни содржини и анимации, видео клипови, дигитални филмови. Кога зборуваме за дигитализација зборуваме за една интерактивна содржина којашто ќе им помогне на учениците полесно и побрзо да го запаметат материјалот којшто првенствено повторувам повторно ќе си го добијат со наставникот во училница”, рече Томшиќ.

За реакциите дека за користење на е-учебниците ќе биде потребен пристап до интернет, Томшиќ појасни дека електронските учебници ќе може да се користат без интернет, односно офлајн.

“Може да се отвораат и без интернет конекција и многу е важно дека сите деца од семејства во социјален ризик коишто немаат пристап до електронски уреди ќе го добијат тоа од страна на самото училиште.” рече Томшиќ.

Томшиќ вели дека за првпат со Законот на учебници, а на барање на самите наставници ќе може еден наставник да избира содржина од три наставни учебника и да ја креира содржината согласно индивидуалните потреби на наставата.

“Реформата со дигитализација на учебниците не се спроведува одеднаш затоа постепено се дигитализираат учебниците само од четврто одделение. За прво, второ, петто, шесто, седмо, осмо и деветто останува истиот метод на работа. Само во четврто одделение ќе се дигитализираат учебниците, а наставникот, за наставата училиштето ќе му обезбеди наставни листови, помагала со кои на часот ќе работи со децата”, рече Томшиќ.

Слични содржини