Торгатен, норвешката планина со дупка, обвиткана со митологија и мистерии

од Milan1
52 прегледи

Создадена како резултат на ерозијата од леденото време и обвиткана со нордиски митови, Торгатен е една од визуелно најпрепознатливите знаменитости долж норвешкиот брег. Торгатен, гранитната планина на живописниот брег на Хелгеланд во Норвешка, се издвојува со својата препознатлива полуцилиндрична форма, меѓу ниските острови. Сепак, она што овој локалитет го прави навистина познат е огромната дупка во центарот на планината – впечатлива карактеристика видлива на километри оддалеченост.

Обликувано од природа, но проткаено со легенда, ова природно чудо високо 258 метри служи како ориентација за бродовите и нуди панорамски поглед за љубителите на планинарењето.

Од морето, дупката изгледа мала, но во реалноста таа има должина од импресивни 160 метри, 35 метри височина како и 20 метри ширина.

Торгатен главно била формирана од ерозија на глечерите за време на последното ледено доба, пред околу 10.000 години. Составена од издржлив гранит, планината подобро ѝ се спротивставила на ерозијата отколку нејзината околина.

Меѓутоа, како што глечерите напредувале, тие ги искористиле природните слабости во карпата, како што се пукнатините, постепено формирајќи ја препознатлива дупка во вид на тунел во планината.

Обвиткана со митологија

Таквата впечатлива природна појава како што е Торгатен, очекувано, со генерации била тема на народните приказни.

Најчестата приказна го објаснува и потеклото на блискиот планински венец „Седум сестри“, уште една впечатлива знаменитост долж брегот на Хелгеланд.

Во оваа приказна за троловите се зборува за Хестманен, џиновски коњаник и неговата невозвратена љубов кон девојката Лекамоја. Според легендата, моќниот џин се вљубил во Лекамоја и ја бркал преку брегот на Хелгеланд.

Кога изгреало сонцето, Хестманен сфатил дека нема навреме да стаса до Лекамоја и во лутина „истрелал“ стрела кон неа. Тука се вмешал тролскиот крал од Сомна, фрлајќи шапка на патеката на стрелата со цел да ја заштити Лекамоја.

Стрелата ја пробила шапката. Кога сонцето претворило сè во камен, шапката станала Торгатен со својата препознатлива дупка. Лекамоја и нејзините сестри исто така биле претворени во камен, формирајќи ги познатите планини на „Седум сестри“ долж брегот.

Оваа митска приказна за потеклото на дупката помогна Торгатен да стане омилена природна знаменитост и извор на фасцинација и за локалното население и за посетителите на Норвешка. Иако вистинското формирање на дупката е резултат на ерозија за време на леденото доба, легендата од друга страна додава слој на мистерија.

Иако Торгатен е позната природна знаменитост, тоа е и местото на трагична несреќа. На 6 мај 1988 година, авионот „Вајдро флајт 710“ во текот на редовен регионален лет удрил во страничниот дел на планината додека се обидувал да слета на аеродромот Бронојсанд при густа магла.

За жал, сите 36 лица во авионот загинаа. Оваа несреќа останува една од најсмртоносните авионски несреќи во норвешката историја и остави тажна трага во историјата на Торгатен.

Истрагата откри дека лошата видливост и грешките во навигацијата биле клучни фактори за несреќата. На местото на несреќата сега се наоѓа споменик, претставувајќи место на сеќавање на оние кои ги загубија животите.

Слични содржини