Тошковски не сокри и не рече дека законот не важи за неговиот татко, велат од најголемата владеачка партија

од Nikola Popovski
201 прегледи

Тошковски не сокри нешто, не рече дека законот не важи за неговиот татко, а за сите други важи, туку и роден брат или сестра да е, ако се огреши треба да одговара, велат од ВМРО-ДПМНЕ по прозивките од Левица дека таткото на министерот за внатрешни работи во 2013 година бил осуден за измама на 8 лица заради примање мито при посредување за инвалидски пензии.

Партијата на власт ја обвинува Левица дека е „приврзок“ на екс-премиерот и екс-лидер на СДСМ, Зоран Заев.

„Ја разбираме и нервозата и фрустрацијата на партијата Левица, приврзок на Зоран Заев и групата вљубеници во делото на Енвер Хоџа спрема министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Позади таа фрустрација се крие стравот и знаењето дека Тошковски расчистува со криминалците, и што законот после долги децении важи за сите подеднакво. Тошковски не сокри нешто, не рече дека законот не важи за неговиот татко, а за сите други важи, туку и роден брат или сестра да е, ако се огреши треба да одговара. Затоа и Левица и Димче Апасиев се преплашени. А еве дополнителна причина за нивен нов страв“, стои меѓу другото во ставот од „Белата палата“.

Претходно во партиското соопштение на Левица стои дека таткото на министерот „бил осуден на две години условна казна, затоа што од оштетените лица противправно наплатил речиси 25.000 евра, ветувајќи им дека ќе стекнат право на инвалидска пензија“.

-Односно, таткото на Тошковски безобзирно манипулирал со поединци кои очигледно во незавидна положба, биле принудени да плаќаат огромни суми за да се изборат против аномалиите на системот. Бидејќи министерот Тошковски и за време на претходната влада на Груевски бил дел од институциите на системот (преку министерството на Миле Јанакиевски), очигледно тоа што бил дел од власта било доволно за неговиот татко да прави матни зделки со инвалидските пензии, порача меѓу другото од партијата на Апасиев.

Ваквите обвинувања се во период кога се води истрага против 49 лица, од кои најголем дел се лекари, за злоупотреби за стекнување со право за туѓа нега и право на инвалидски пензии. Од нив 23 лица се приведени, а едно е недостапно. Две групи се формирале во 2023 година. Една за постапки за туѓа нега. Другата за инвалидски пензии. Шемата била иста – примале поткуп за да им завршат работа на барателите, обезбедувајќи им невистинита медицинска документација.

Слични содржини