Тотенхем верува дека ќе го задржи Кејн

од Vladimir Zorba

Раководството на Тотенхем верува дека и ова лето ќе успее да го задржи во својот тим напаѓачот Хари Кејн. 28-годишниот напаѓач повторно е меѓу најпосакуваните играчи на пазарот и се очекува да добие барем неколку понуди за него во канцелариите на Спарс. Сепак, во клубот се убедени дека и овојпат ќе успеат да го одбијат интересот на гигантите, пишува „Дејли мејл“.

Минатото лето имаше сериозна трансфер сага околу Кејн. Манчестер Сити вложи многу време и труд за да го добие во своите редови, но претседателот на Спарс, Даниел Леви одби да го продаде. Сега „граѓаните“ повторно се заинтересирани за напаѓачот, но всушност се очекува Манчестер Јунајтед да биде главен кандидат за потписот на Кејн ова лето.

Се очекува „црвените ѓаволи“ да бидат многу активни на пазарот по исклучително слабата сезона. Привлекувањето квалитетен голгетер ќе биде еден од приоритетите на газдите на „Олд Трафорд“. Затоа се очекува Кејн да биде играчот кон кого ќе бидат насочени најсериозните напори за негово привлекување.

Хари Кејн не ја започна најдобро оваа сезона, но постепено ја врати формата, досега имаше 22 гола и 9 асистенции на 44 натпревари. Се чини дека напаѓачот се чувствува се поудобно под водство на Антонио Конте. Затоа не е ни чудо што ја промени желбата да си замине по завршувањето на кампањата.

Во Манчестер Сити летово се очекува приоритет да биде привлекувањето на Ерлинг Халанд, додека резервна опција ќе биде Кејн. Во Јунајтед доколку не успеат да се договорат со Тотенхем за трансферот на Кејн, најверојатно ќе се насочат кон голгетерот на Бенфика, Дарвин Нунес.

Слични содржини