Актуелно
Почетна / Актуелно / Традиционално бадникување пред Соборниот храм во Скопје

Традиционално бадникување пред Соборниот храм во Скопје

Православните верници во државава денеска го слават Бадник, ден пред големиот празник Рождество Христово – Божик. Традиционално скопското бадникување се одржа пред платото на Соборниот храм „Св. Климент Охридски“, во организација на Здружението на граѓани Одбор за прослава на Бадник.

Одбележувањето на Бадник почна со бадниковата химна, што ја исполни Силви бенд и со кревање на бадниковото знаме.

Пред Соборниот храм пристигна и детска бадникова поворка предводена од македонските музички ѕвезди. Освен во Скопје и во 39 градови во државава денеска се организираа детски бадникови поворки како предвесник на утрешниот празник Рождеството Христово – Божик.

Архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан пред олтарот во Соборниот храм им се обрати на скопјани и на сите добронамерници. Рождеството на Спасителот, Раѓањето на Бога како човек, посочи, е најголемото и неповторливото чудо во историјата на светот и човекот.

– Тоа е единственото ново под Сонцето. Ете тој спасоносен настан длабоко е присутен во животот на нашиот народ. Знаел и знае нашиот верен народ да го дочекува, да го празнува и да живее со Божик со празникот на радоста. Знаел и знае нашиот побожен народ да се подготвува и да се радува духовно и на молитвата и со коледарите и со бадникарите. Знаел дека радувајќи се со сите за празникот се радува во Господа и за Господа. Овде во Соборниот храм, како и во сите наши храмови на овој ден се бдеее и бдеејќи се очекува спасоносниот миг на Христовото Рождество. Еве и оваа година дочекавме коледарско и бадниково чествување како подготовка за Божик и како што доликува и како што треба со молитва и благодарност пред Бога со кум и со народ и со заедничка желба за мир и разбирање, за љубов и единство меѓу нашиот народ и со сите луѓе на добра волја, додаде г.г. Стефан и на граѓаните им го честиташе Бадник и Божик.

Бадникарскиот кум Антони Пешев изрази голема благодарност што денеска ја има честа да биде кум.

– Традицијата што денеска ја чествуваме е една од најиспосните традиции на нашиот народ. Како традиција секогаш била тука кога и на народот му било најтешко. Да се почитува традиција е многу благодорна работа, но да се гради традиција е уште поблагодарна работа. Кога една традиција ќе доживее ваква историја, како нашата, повеќе од четврт век, повеќе не е само традиција, таа станува дел од народот. Живееме во свет во кој му треба нешто што е посилно од индивидуалното, а тоа може да го направиме само со вакви случувања. Нација без традиција не е нација. Многу е важно што денеска сме во ваков број. Горд сум што сум дел од овој народ, посочи Пешев.

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов рече дека ова е период од годината кога се вртиме едни кон други, кога треба да ја делиме меѓусебната добрина и љубов.

– Да имаме мир, да имаме спокој, да имаме љубов кон сите знајни и незнајни, бидејќи само така ќе живееме и во поубав град и во поубава држава. Од секој од нас зависи тоа што го носиме во нашите души ако го пренесеме на другите луѓе, ако тоа е љубов и добрина, ја примаме љубовта и добрината, додаде Шилегов и го честиташе Бадник и Божик.

Изрази благодарност до традиционалната организација на бадникаровата поворка, со која, како што посочи, се создава нова традиција во Скопје и се почитува традицијата што останала од нашите стари.

На традиционалното бадникување пред Соборниот храм присуствуваше и градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ.

Здравичарот Климе Коробар истакна дека новогодишните и божиќните празници носат еден нов посакуван почеток во кој мора да зачекориме кон подобро утре.

– Нека Новата 2020 година и Божик донесат просперитетна Република Македонија. Нека сите граѓани тука и во странство без оглед на верски и партиски определби живеат во среќа, меѓусебно разбирање, здравје и благосостојба, додаде Коробар.

Минатогодишниот кум Љупче Николовски му го предаде ќупот на градоначалникот Шилегов, кој потоа му го врачи на новиот кум бадникар за годинава, Пешев. Беше кршена погача со паричка, а новиот кум бадникар заедно со ќупот и семејството со пајтон, симболот на старо Скопје, замина од пред платото на Соборниот храм. 

loading...