Трајкоски: Постои сценарио во кое ако Иран одбие да потпише нуклеарен договор со САД, ќе биде предмет на американска интервенција

Што понатаму на Блискиот Исток: „Ако Иран ослабне, би можело да дојде до преориентирање на регионалните сојузи, но доколку одговори агресивно, може да започне широка регионална ескалација, вклучително и напад врз Израел преку Хезболах“

од Nikola Popovski
340 прегледи

Додека жестоките напади на Израел врз Иран продолжуваат, а тензиите меѓу двете земји достигнуваат нови димензии, фокусот на повеќето аналитичари е на воената динамика на конфликтот. Едно од прашањата е, дали оваа ескалација може да доведе до пад на иранскиот режим? Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во интервју за „Фокс њуз“, одговарајќи на новинарско прашање дали промената на иранскиот режим е дел од воената цел на Израел, изјави дека тоа „секако би можело да биде резултат бидејќи режимот во Иран е многу слаб“.

-Традиционално, израелската политика кон Иран се води од неутрализација на иранската нуклеарна програма и ограничување на регионалното влијание на Техеран преку различните милитантни групи во регионот како Хезболах и слични. Додека таргетирањето на нуклеарните постројки е официјално објаснување, реалната цел може да биде поширока стратегија на “стратешко исцрпување” и попречување на иранските воено-индустриски капацитети и дестабилизација на режимот одвнатре. Меѓутоа во овој случај, сметам дека мотивот е многу поинаков, вели во разговор за „Локално“, Пецо Трајкоски од НВО – Центар за стратегиски истражувања и анализи дали Израел се обидува да ги онеспособи иранските центрифуги за збогатување ураниум или се обидува самиот да го собори тамошниот режим.

Запрашан дали Израел има потреба од бомбите на САД за да ја изврши својата цел, Трајкоски посочува дека еврејската држава има капацитет да нанесе значителна штета на нуклеарната инфраструктура на Иран преку воздушни напади, сајбер напади за кои има барем еден претходен пример, но и со прецизни ракети. Сепак, целосно елиминирање на нуклеарната програма е малку веројатно без директна американска интервенција, особено затоа што дел од постројките се длабоко закопани или дисперзирани.

-Војна без САД би ризикувала долготраен конфликт и ограничен успех. Од друга страна сметам дека со последните чекори, Израел сметајќи на безгранична поддршка, сака да го турне Вашингтон кон поагресивна политика во која Вашингтон ќе биде приморан да интервенира на страната на Израел. Иако не изгледа така според некои изјави на Трамп, сметам дека има сценарио во кое ако Иран одбие да потпише нуклеарен договор со САД, ќе биде предмет на американска интервенција, оценува аналитичарот.

Според Трајкоски, конфронтацијата меѓу Израел и Иран го дестабилизира регионот и секако ќе доведе до заострување на позициите на земји како Пакистан, Саудиска Арабија, но и Турција и слични i ако продолжи подолго, може да предизвика и некаква воена интервенција или конфликт од поголем размер.

-Исто така, може да ги засили антизападните ставови во регионот и да ја засили улогата на Русија и Кина како алтернативни актери. Во долгорочна перспектива, ако Иран ослабне, би можело да дојде до преориентирање на регионалните алијанси, но доколку одговори агресивно, може да започне широка регионална ескалација, вклучително и напад врз Израел преку Хезболах, објаснува аналитичарот.

Соговорникот смета дека овие напади дефинитивно ја отежнуваат секоја форма на дипломатски прогрес, но не верува дека Иран ќе сака да преговара додека е под напад.

-Генерално САД би се нашле под зголемен притисок да ја напуштат идејата за договор, сметам дека сегашните околности не може да се гледаат одделно од однесувањето на Израел кон Палестина за која има се поголеми симпатии во САД и Европа. Ако Европа е тивка во поглед на гласно осудување на израелската кампања во Палестина, полесно ќе биде да се осудат нападите врз Иран и правото на Иран на самоодбрана, потенцира Трајкоски.

Генерално, Израел во моментов се бори на два фронта, а за Трајкоски, тоа значи дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху има пред се внатрешно-политички мотиви бидејќи неговиот рејтинг е ослабен, се соочува со обвиненија за корупција, а јавноста е поделена околу војната во Газа.

-Напад врз Иран може да обедини национално расположение, одвлече внимание од проблемите дома, и го претстави како лидер што штити државни интереси. Но борба на два фронта е високоризична стратегија особено ако другите сили во регионот се стават на страната на Иран и предизвикаат поширок регионален конфликт во кој Израел нема да биде победник, дециден е членот на невладината Центар за стратегиски истражувања и анализи.

Н.П.

Слични содржини