Трамп денес за првпат во јавноста по упадот во Конгресот

од Stefanija Kuzmanovska

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска ќе отпатува за јужниот град Аламо во Тексас, недалеку од границата меѓу САД и Мексико, каде се очекува да искористи еден од последните денови на функцијата за да ги потенцира напорите на неговата администрација за борба против илегалната имиграција.

Тоа ќе биде негово прво појавување во јавноста од минатата среда кога им рече на своите приврзаници дека се украдени претседателските избори и ги повика да „се борат“ пред да влезат во американскиот Конгрес.

Трамп ќе го посети Тексас во време кога Претставничкиот дом со мнозинството демократи се обидува да го отстрани од функцијата.

Имиграцијата беше главниот фокус на кампањата на Трамп за претседател во 2016 година, заедно со неговите чести повици за изградба на ѕид долж границата со САД и Мексико, потсетува „Гласот на Америка“.

Пред патувањето на Трамп на Аламо, Јужниот центар за сиромаштија (СПЛЦ) повика на откажување на посетата, велејќи дека тоа „само дополнително ќе наштети и ќе предизвика поголемо насилство“.

„Со години, заедниците на границата се спротивставуваа на фанатичката програма на администрацијата. Токму овие заедници, од Сан Диего до Браунсвил, беа подложени на несовесно насилство поттикнато од антиемигрантската реторика и ксенофобичната политика на претседателот“, рече заменик-правниот директор на Проектот за имиграција на СПЛЦ за имиграција, Ефрен Оливарес.

Слични содржини