Трамп до Пендаровски: Денес нашите две нации се поблиски од кога било претходно

од desk4

Светските лидери со пораки до претседателот Стево Пендаровски

Претседателот на САД, Доналд Трамп, во писмото со честитки до претседателот Пендаровски, пишува дека „денес, двете нации се поблиски од кога било претходно“.

„САД силно ја поддржува Северна Македонија, која го зазема своето заслужено место во западните институции и особено се надева дека ќе ја поздрави Северна Македонија наскоро како наш 30-ти сојузник во НАТО. Историскиот Договор од Преспа претставува смел и храбар пример со кој се зајакна безбедноста и просперитетот за народот на Северна Македонија и целиот регион.

Заложбите на Вашата земја за демократски начела, владеење на правото, отчетност на владата и борба против корупцијата се за поздравување. Се надевам на продлабочување на пријателството и соработката во иднината”, пишува во честитката од претседателот Трамп до претседателот Пендаровски.

Претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин, во честитката му посакува успех на Пендаровски во вршењето на одговорната функција, добро здравје и благосостојба.

„Односите меѓу Руската Федерација и Република Северна Македонија се темелат на добрите традиции на културна и духовна блискост. Убеден сум дека конструктивното унапредување на нашите односи би им одговарало на народите на нашите две земји и на цела Европа”, пишува  Путин.

Во писмото упатено од претседателот на Сојузна Република Германија, Франк-Валтер Штајнмајер, пишува: „Со Вас највисоката државна функција ја презема одлучен поддржувач на евроатлантската интеграција на Република Северна Македонија. Германија се залага за тоа Вашата земја да продолжи со суштинските реформи и решително и понатаму да чекори по својот пат кон ЕУ”.

Вие ја преземате функцијата во момент што е значаен за Вашата земја, пишува Штајнмајер. „Со Договорот од Преспа, Северна Македонија и Грција покажаа дека и покрај големиот отпор, преку дијалог и со храброст може да се решат и привидно безизлезните спорови”, пишува во писмото од германскиот претседател.

Изборот на Пендаровски за претседател го честита и франацускиот  претседател.

„Вашите заложби за градење на правната држава, за членството на Вашата земја во НАТО и за нејзината европска перспектива, но и Договорот од Преспа, го убедија мнозинството гласачи. Договорот од Преспа е пример за регионално помирување, кое придонесува за стабилноста на Западен Балкан и на Европа во целина”.

Францускиот претседател во писмото порачува дека Северна Македонија може да смета на конкретна поддршка од Франција за спроведување на своите реформи. „Нашите две земји имаат изградено врски на доверба за одбрана на нашите заеднички вредности, особено во борбата против тероризмот”, пишува во четитката од Макрон.

Писмо со честитка до претседателот Пендаровски упати и претседателот на Република Грција, Прокопис Павлопулос.

„Преспанскиот договор отвори нова ера во односите меѓу нашите две соседни држави, и испрати многу потребна и многу позитивна порака, за помирување и соработка на Балканот. Убеден сум дека ќе се согласите со мене дека примената, почитувањето на историската вистина, како и писмото и духот на Договорот од Преспа, суштински ќе придонесат во зајакнувањето и продлабочувањето на нашата сеопфатна билатерална соработка во сите области од заеднички интерес, како и за натамошно зајакнување на стабилноста, безбедноста и напредокот во Југоисточна Европа.

Оттука, ја користам оваа прилика, господине претседател, да ја повторам силната поддршка на мојата земја за процесот на европска интеграција на Република Северна Македонија”, пишува претседателот Павлопулос.

Слични содржини