Трамп: Историски договор, се радувам на посетата на Белград и Приштина

од Vladimir Zorba

Претседателот на САД, Доналд Трамп, денес го нарече историски договорот за економска нормализација на односите меѓу Белград и Приштина и рече дека со нетрпение очекува да ги посети „двете земји“ во не толку далечна иднина, пренесува АП.

„Тоа е навистина историско“, рече Трамп додека стоеше покрај српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерот на Косово, Авдулах Хоти во Овалната канцеларија на Белата куќа.

Во извештајот од денешната средба, АП пренесува дека Белград и Приштина објавиле дека ги нормализирале економските односи во рамките на преговорите со коишто посредуваат САД, кои, како што велат, вклучуваат и преместување на српската амбасада во Ерусалим од страна на Белград, а Израел да ја признае Приштина.

Тој додава дека по два дена состаноци со претставници на администрацијата на Трамп, Вучиќ и Хоти се согласиле да соработуваат во низа економски прашања со цел привлекување инвестиции и отворање нови работни места.

АП проценува дека објавата на Белата куќа за потпишување на договорот претставува дипломатска победа на претседателот Трамп пред претседателските избори во ноември и ги подобрува напорите на неговата администрација за подобрување на меѓународната позиција на Израел.

Слични содржини