Трамп ја лансира својата платформа посветена на „зачувување на прекрасното наследство на неговата администрација“

од Vladimir Zorba

Поранешниот републикански претседател Доналд Трамп ја објави својата официјална веб-страница 45office.com, платформа преку која тој ќе остане во контакт со неговите приврзаници и ќе покаже што сторил додека бил на должност.

45office.com на својата насловна страна прикажува фотографии од Трамп со разни луѓе, вклучувајќи ја и неговата сопруга Меланија, членови на војската и светските лидери, направени за време на неговото претседателствување.

„Кабинетот на Доналд Трамп е посветен на зачувување на величественото наследство на администрацијата на Трамп, истовремено промовирајќи ја агендата на Америка на прво место“, се вели во пораката на неговата веб-страница.

На страницата има текст со 850 зборови со кој се велича неговото време на власт, истакнувајќи го она што Трамп често го наведуваше како негови најголеми достигнувања, вклучително и енергетска и гранична безбедност, зајакнување на НАТО и други меѓународни сојузи и неговиот одговор на пандемијата на коронавирус.

Не се споменуваат скандали, истраги за корупција, два импичменти или напади врз демократски институции што го одбележаа неговиот мандат. Не е познато кога веб-страницата станала активна.

Трамп задржа значително влијание во Републиканската партија и покрај поразот на изборите во 2020 година и навести можна претседателска кандидатура во 2024 година.

Во интервју за „Фокс Њуз“ на почетокот на овој месец, Џејсон Милер, портпарол на кампањата на Трамп за 2020 година, рече дека Трамп ќе започне сопствена социјална мрежа во рок од два до три месеци.

Трамп беше суспендиран од Твитер, Фејсбук и другите социјални медиуми по нападот на Капитол на 6 јануари.

Слични содржини