Трамп: Ќе го победиме кинескиот вирус, САД се миротворци во светот

од Nikola Popovski

Во денешниот говор, американскиот претседател Доналд Трамп побара ООН да ја смета Кина за одговорна за пандемијата на коронавирус, а меѓу успесите на неговата администрација, тој го навел договорот меѓу Косово и Србија.

Во снимениот говор обраќајќи се на 75-та сесија на Генералното собрание на ООН, Трамп ги пофалил двата неодамна склучени меѓународни договори со неговото посредување: за нормализирање на односите меѓу Израел и арапските држави Бахреин и ОАЕ и договорот меѓу Србија и Косово за економска нормализација.

Тој изјавил дека САД на тој начин ја исполнуваат својата судбина како миротворец, пренесува АП.

„Овие историски мировни договори се знак на зората и раѓањето на новиот Блиски исток“, рекол Трамп, додавајќи дека неговата администрација има намера наскоро да посредува во нови мировни договори.

Претседателот на САД денес ги повикал Обединетите нации да ја сметаат Кина одговорна за своите постапки во врска со пандемијата на коронавирусите, пренесува Франс прес.

„На почетокот на ширењето на вирусот, Кина забрани домашни летови, а истовремено дозволи авиони да ја напуштат Кина и да го заразат светот“, рече Трамп.

„Кинеската влада и Светската здравствена организација, која е скоро под контрола на Кина, погрешно изјавија дека нема докази дека луѓето го пренесуваат вирусот“, додал Трамп и продолжил да ја обвинува Кина дека не го информирала светот навремено за новата болест што се појавила на нејзината територија.

Додека САД се на работ на повеќе од 200.000 смртни случаи од коронавирус, Трамп рекол:

„Уште еднаш сме вклучени во голема глобална борба. Се боревме и водиме жестока битка против невидливиот непријател, кинескиот вирус, кој однесе безброј животи во 188 земји“.

Трамп исто така го бранеше одговорот на неговата администрација на пандемијата, тврдејќи дека тоа е најагресивната мобилизација од Втората светска војна.

„Ќе ја споделиме вакцината, ќе го победиме вирусот, ќе ставиме крај на пандемијата и ќе влеземе во нова, невидена ера на просперитет, соработка и мир“, изјавил Трамп.

Слични содржини