Трамп му ја честита на Тачи годишнината на независноста на Косово

од Aleksandar Petrovski

 Косовскиот претседател Хашим Тачи прими денеска телеграма со честитки од претседателот на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп, по повод годишнината од независноста на Косово, прогласена на 17 февруари 2008 година, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во телеграмата која ја објави кабинетот на Тачи, Трамп ги нагласува цврстите врски меѓу Косово и САД.

– Народот на Америка заедно со мене им ја честита на сите граѓани на Косово 12-годишнината на независноста на Косово. Цврстите врски меѓу Косово и Соединетите Американски Држави се исковани од заедничката посветеност за создавањето на Косово суверена, независна, мултиетничка и демократска држава, се вели во телеграмата.

Американскиот претседател му честита на Косово и за демократските парламентарни избори одржани минатиот октомври, поздравувајќи ги „постојаните заложби за унапредување на мирот, правдата и просперитетот за народот на Косово и за целиот регион на Западен Балкан“.

– Ви посакуваме успех во годините што следат, во вашето фокусирање за нормализација на односите со Србија, во владеењето на правото, како и во создавањето услови за што подинамичен развој на приватниот сектор, вели Трамп во телеграмата до Тачи.

Тој му предвидува на Косово светла иднина и порачува дека САД остануваат посветени на јакнењето на билатералните односи.

– Иднината на вашата земја е светла. САД остануваат посветени на цврстите билатерални односи, засновани на вредната работа на вашето динамично население и на постојаната посветеност на нашите заеднички вредности, пишува Трамп. 

Слични содржини