Трамп објави потпишување на извршен налог за социјалните медиуми: Се огласил и основачот на Твитер

од Nikola Popovski

Американскиот претседател Доналд Трамп во средата се закани дека ќе донесе регулативи поврзани со социјалните мрежи и планира да потпише декрет во врска со социјалните платформи уште во четврток.

Гневот на американскиот претседател е насочен пред се кон неговата омилена платформа Твитер, која оваа недела за првпат, на негов твит, објави предупредување дека е неопходно да се проверат фактите со неговите наведени изјави, што според многумина не биле вистинити.

„Републиканците сметаат дека платформите за социјални медиуми целосно ги задушуваат конзервативните гласови. Ние ќе донесеме силни регулативи, или ќе ги затвориме“, напиша Трамп на Твитер.

Доцна во средата, секретарот за медиуми на Белата куќа, Кејли МекЕнини објави дека Трамп ќе потпише извршна наредба „во врска со социјалните медиуми“, без да прецизира детално за што станува збор.

Засега не е јасно што всушност има за цел да направи Трамп и дали претседателот воопшто има извршна моќ да воведе регулатива во компаниите според постојните закони.

Доцна во средата навечер, основачот на Твитер, Џек Дорси му одговори индиректно на претседателот, велејќи дека компанијата ќе продолжи да укажува на „неточни или контроверзни информации генерално за изборите“.

„Ова не нè прави арбитри на вистината“, напиша Дорси на Твитер. „Нашата намера е да ги поврземе точките на конфликтните изјави и да ги посочиме контроверзните информации за луѓето да можат сами да проценат. Клучно е да се даде поголема транспарентност од наша страна за луѓето да можат јасно да видат зошто стојат позади нашите постапки“, рече тој.

Предупредувањето за проверка на фактите кога станува збор за претседателот претставува голема промена на политиката за компанијата и е голем чекор во спречувањето на ширењето на невистините што ги изјавува пред изборите во ноември, пишува „Дпа“.

Трамп исто така неодамна изнесе теорија на заговор во која еден телевизиски презентер, кој претходно бил пратеник, ја убил својата асистентка за време на неговиот парламентарен мандат.

Семејството на жената, која починала од природна смрт, побарала од Твитер да ги отстрани постовите, но компанијата одбила.

Со години се создава конфликт во републичките кругови, особено кон некои гиганти на социјалните медиуми, кои биле цел на нивните обвинувања за промовирање на либерални погледи.

Слични содржини