Трамп понудил да го помилува Асанж, доколку открие кој стои зад хакирањето на Демократите

од Vladimir Zorba

Претседателот на САД, Доналд Трамп, му понудил помилување на основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, доколку открие кој стои зад хакерскиот упад во електронската пошта на Националниот комитет на Демократската партија пред претседателските избори во 2016 година, беше кажано на судот во Лондон во петокот.

Адвокатот на Асанж, Џенифер Робинсон изјави дека присуствувала на состанок на кој републиканските претставници Дана Рорабакер и Чарлс Џонсон, соработник близок до кампањата на Трамп, ја презентирале таа понуда во 2017 година.

Робинсон рече дека на Асанж му било кажано дека Трамп го одобрил состанокот и дека Рорабакер подоцна ќе се состане со претседателот за да разговара за реакцијата на предложениот договор.

Според неа, договорот му бил презентиран на Асанж како решение што секој го добива и што ќе му овозможи да продолжи со својот живот, а за возврат, Трамп ќе има и политички придобивки.

За време на предизборната кампања во 2016 година, Викиликс објави серија мејлови од Националниот комитет на Демократската партија, што и нанесе штета на тогашната кандидатка Хилари Клинтон.

Американските разузнавачки служби изразија уверување дека Русија, која сакала да влијае на претседателските избори во Америка, е одговорна за хакерскиот упад.

„Предлогот даден од конгресменот Рорабакер беше Асанж да го идентификува изворот во замена за некакво помилување“, рече Робинсон.

Русија негираше каква било вмешаност во изборите во САД од почетокот на обвинувањата, а Трамп исто така негира дека бил во дослух со Москва.

Истрагата водена од специјалниот истражител Роберт Милер, не утврди дека членови на кампањата на Трамп тајно соработувале со Русија.

49-годишниот Асанж се бори против екстрадицијата во САД, каде што е обвинет за кршење на законите за шпионажа откако објави доверливи документи во 2010/11 година.

Слични содржини