Трамп повика на УКИНУВАЊЕ НА АМЕРИКАНСКИОТ УСТАВ: „Дали да го прогласиме ВИСТИНСКИОТ ПОБЕДНИК или да одржиме нови избори?“

од Vladimir Zorba

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп повика на укинување на Уставот на САД со цел да се поништат резултатите од претседателските избори во 2020 година, односно да се врати во Белата куќа како претседател.

Тоа е ново продолжение на политиката на Трамп за негирање на изборните резултати и туркање нејасни теории на заговор, пишува CNN.

„Дали треба да ги исфрлиме резултатите од претседателските избори во 2020 година и да го прогласиме ВИСТИНСКИОТ победник или да одржиме НОВИ ИЗБОРИ? Масовната измама од овој тип и големина дозволува укинување на сите правила и прописи, дури и оние што се наоѓаат во Уставот“, Трамп објави на „Truth social“ мрежата и ги обвини големите технолошки компании за дослух со Демократската партија.

„Основачите на Америка не сакаа и немаше да одобрат лажни избори“, додаде тој.

Најавата на Трамп доаѓа по објавувањето на интерните мејлови на Твитер кои покажуваат дека компанијата разговарала дали Твитер треба или не да дозволи објавување на приказна од Њујорк пост за материјалите пронајдени на лаптопот на Хантер Бајден, синот на актуелниот американски претседател Џо Бајден.

Што вели Белата куќа?

Портпаролот на Белата куќа, Ендрју Бејтс, вчера изјави дека објавата на Трамп „оди против душата на нашата нација и треба да биде осудена од сите“.

– Не можете да ја сакате Америка само кога ќе победите. Уставот на САД е нашиот најважен документ кој гарантира слобода и владеење на правото во нашата земја повеќе од 200 години – рече Бејтс.

– Уставот го зближува американскиот народ, без разлика на партијата, а избраните лидери се колнат во Уставот. Тоа е врвен споменик на сите Американци кои ги дадоа своите животи за да ги победат деспотите кои ја злоупотребија својата моќ и ги газеа основните човекови права – рече тој.

За што зборуваа вработените на Твитер во 2020 година

Си-Ен-Ен објави дека интерните мејлови на Твитер покажуваат дека вработените во правните и комуникациските тимови на социјалната мрежа разговарале дали треба да се ограничи пристапот до написот на Њујорк пост за лаптопот на Хантер Бајден.

Оние кои се за ограничување на пристапот до статијата ја наведоа политиката на компанијата за објавување хакиран материјал, но имаше и такви кои мислеа поинаку.

Дебатата на Твитер се одржа во пресрет на изборите во 2020 година, кога Џо Бајден, таткото на Хантер Бајден, се кандидираше против тогашниот претседател Трамп. Самиот Трамп минатиот месец објави дека повторно ќе се кандидира за претседател.

Иако Трамп сè уште се смета за лидер на Републиканската партија, многумина од највисоките луѓе се надеваа дека Трамп ќе престане да ги негира изборните резултати по релативно лошите резултати на партијата на неодамнешните избори.

Слични содржини