Трамп во војна со вирусот

од Vladimir Zorba

Доналд Трамп потпиша два документи со кои треба да се спречи пандемијата на коронавирус да стане масовен пораз за неговата земја. Првиот од овие е најголемиот спасувачки пакет во американската историја, обезбедувајќи 2 трилиони американски долари помош. Покрај тоа, активиран беше Законот за одбранбено производство за да го задолжи автомобилскиот гигант „GM“ да започне со производство на респиратори.

Овој закон предвидува ситуации на војна и му дава на претседателот огромни можности да се меша во економијата. „GM“ изгубиле време и не успеале да го исполнат ветувањето дека ќе произведат 40.000 респиратори. Така претседателот ја оправда својата одлука.

Во наредните 100 дена, над 100.000 апарати за дишење мора да бидат обезбедени преку набавка или дополнително производство, што е за три пати повеќе од производството на Соединетите држави за една година, рече Трамп. Во исто време, тој се надева дека нема да треба да се користат сите уреди во САД – некои од нив може да бидат отстапени за Велика Британија и Италија.

Мобилизирање на резерви

Доналд Трамп, кој долго време ја минимизираше заканата од коронавирус, се чини дека конечно ја осозна. Тој го овласти секретарот за одбрана Марк Еспер да ги мобилизира резервите – како дополнителна поддршка за справување со кризата. Министерството за внатрешна безбедност на САД е овластено да ја активира крајбрежната стража. На пример, дополнителен медицински персонал би можел да биде мобилизиран од резервата, објасни Трамп. Поранешниот американски претседател Барак Обама го овласти Секретарот за одбрана да ги мобилизира резервистите за време на кризата со ебола во 2014 година.

Во меѓувреме, над 100.000 луѓе се заразени со новиот коронавирус во САД. Според универзитетот Џонс Хопкинс, бројот на загинатите е над 1.700.

Во име на нормалност

Кризата ги загрозува шансите на американскиот претседател да биде реизбран во ноември. Трамп најави дека ќе разговара со експертите на почетокот на следната недела за опциите за олабавување на рестриктивните мерки донесени за борба против пандемијата. Американската економија треба да се „опорави“ што е можно поскоро. Но, „безбедноста“ мора да биде загарантирана, додаде претседателот.

Грижите на неговите критичари се дека откако ќе се намалат ограничувањата на граѓаните и деловните субјекти во некои делови на земјата, вирусот може повторно да започне да се шири брзо.

Слични содржини