Трамп: Време е САД да го признаат израелскиот суверенитет над Голан

од desk2

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска оцени дека дошло време САД да го признаат израелскиот суверенитет над Голанската Висорамнина, која Израел ја презеде од Сирија за време на Арапско-израелската војна во 1967 година.

– По 52 години, време е САД да го признаат целосниот израелски суверенитет над Голанската Висорамнина, која е од клучна стратешка и безбедносна важност за Државата Израел и за регионалната безбедност, објави Трамп на Твитер.

Коментарот на Трамп доаѓа во време кога американскиот државен секретар Мајк Помпео престојува во Израел и една недела пред најавената посета на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на Белата куќа.

На објавата на Трамп веднаш реагираше Нетанјаху, кој му се заблагодари на американскиот претседател за ваквиот став.

– Во време кога Иран се обидува да ја користи Сирија како платформа за уништување на Израел, претседателот Трамп храбро го призна израелскиот суверенитет над Голанската Висорамнина. Ви благодариме претседателе Трамп, објави Нетанјаху на социјалните мрежи.

Израел презеде контрола над Голанската Висорамнина во текот на арапско–израелската Шестдневна војна, што траеше од 5 до 10 јуни 1967 година. По ова, Израел во 1981 година прогласи анексија на Голанската Висорамнина, што не беше признато од меѓународната заедница.

Слични содржини